Започна изградба на ново основно училиште за 700 ученици во Гази Баба
Денеска се постави камен-темелник на новото ООУ „Крсте Мисирков“ во населено место Ченто, Општина Гази Баба.
Проектот е во вредност од 169.992.752 денари, а опфаќа 30 кабинети со вкупен капацитет за настава во две смени за 713 ученици.
„Со изградбата на новото училиште обезбедуваме поквалитетни услови за образование и воспитание на учениците, но и подобри услови за работа на наставниот кадар.
Инвестициите во образованието, претставуваат инвестиции во иднината и токму поради тоа образованието е на врвот на приоритетите на мојот мандат, а за тоа говорат реализираните проекти во оваа област“, вели градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој појасни дека училиштето се обновува по 61 година.
На поставувањето на камен-темелникот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски која вели: „задоволство за мене претставува секогаш кога ќе бидам дел од ваков настан, каков што е овој да отпочнеме со една нова градба на основно училиште, каде што од тоа што успеав да го дознам од градоначалникот повеќе од 700 дечиња ќе можат да се стекнуваат со знаење“.
– Ние заедно како Влада со Министерството за образование и наука ќе продолжиме да помагаме во ваков тип на објекти, капитални инвестиции. Образованието претставува наш фокус и образованието е основа за правилен раст и развој на децата, но истовремено и темел на којшто треба понатаму да се гради една држава – додаде Мицкоски.