Започна гасификацијата во Чаир
Општина Чаир од денеска и официјално го започна процесот на гасификација на целата нејзина територија. За таа намена со ГА-МА АД Скопје беше потпишан договор за приклучување во системот за пренос на природен гас на детската градинка „Снежана“, основното училиште „Исмаил Ќемали“ и на административната зграда на Општина Чаир.
-Со приклучувањето на првите три објекти во системот за пренос на природен гас почнува процесот на гасификацијата на општината што е од огромно значење за функционирањето на нашите институции како од економски, така и од еколошки аспект, изјави градоначалникот Висар Ганиу по потпишувањето на договорот.
Тој истакна дека вкупната инвестиција за реализација на договорот изнесува 7,4 милиони денари, а заштедата што ќе ја имаат трите објекти по реализацијата на проектот, како што рече, ќе достигне до 3,4 милиони денари годишно.
-Тоа значи дека за помалку од три години инвестираните средства ќе бидат вратени. Во иднина со проектот ќе бидат опфатени и другите објекти на институциите и домаќинствата во Општина Чаир, потенцира Ганиу.
Одговарајќи на прашање, прецизира дека најдоцна до крајот на годинава ќе биде изготвена техничката документација за изградба на секундарниот гасоводен систем во општината, а од следната година ќе почне нејзината реализација.
-Без разлика дали ќе се решиме на јавно-приватно партнерство или за реализација со некоја институција ќе гледаме секундарната мрежа да ја изградиме во општината и гасот во најскоро време да дојде до граѓаните, порача Ганиу.
За денешното потпишување на договорот истакна дека не значи нарушување на кампањата за претседателските избори, бидејќи, посочи, беше најавено од поодамна.
-Потпишувањето на договорот е од локално значење и не би требало да влијае на претседателските избори, рече Ганиу.
Извршниот директор на ГА-МА Ратко Манов рече дека уште од поодамна ГА-МА го направи гасоводниот прстен околу Скопје со што, истакна, овозможи општините да ја почнат гасификацијата на нивната територија и да стигне гасот до потрошувачите.
-Се надевам дека работите ќе се задвижат и наскоро ќе почне широката потрошувачка на гас за да можат граѓаните да го почувствуваат благодетот на овој енергенс од кој ќе имаат економски и еколошки придобивки, рече Манов и додаде дека во овој момент искористеноста на гасоводот на ГА-МА е околу 32 отсто.