Запален автомобил на косовски заменик министер и функционер на партијата на Вучиќ во Зубин Поток


Автомобил марка „пасат Б7“ со косовски регистерски таблички, сопственост на заменик министерот за труд и социјала во Владата на Косово, Милош Перовиќ, кој е воедно и висок функционер на Српската напредна партија (СНС) на претседателот на Србија Александар Вучиќ, е запален синоќа по полноќ во центарот на Зубин Поток, во Северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Локални извори на агенцијата КосоваПрес велат дека автомобилот е запален намерно од едно или повеќе лица и дека, и покрај напорите на пожарникарите, изгорел целосно.

Во инцидентот е предизвикана само материјална штета и нема повредени лица.

Веста во изјава за медиумите ја потврди и заменик директорот на косовската полиција за северниот регион Бесим Хоти, кој информира дека инцидентот се случил нешто пред три часот утрово и дека полициска екипа веднаш излегла на местото на настанот и работи на расветлување на случајот.

Жители на Зубин Поток за приштинската агенција изјавија дека инцидентот не е поврзан со локалните избори што в недела ќе се одржат во четирите општини со мнозинско српско население во северно Косово. Според нив, најверојатно се работи за израз на револт поради резултатите на конкурс за вработување во општината, при што пред една недела беа примени на работа 45 лица.

Ова е втор случај на палење автомобили во општина Зубин Поток во последно време. Пред три месеци во селото Варага беше запален автомобил „голф 7“.