Западни специјални сили се веќе во Украина, пишува „Фајненшел тајмс“


 

Западните специјални сили се во Украина, изјави за „Фајненшел тајмс“ висок претставник на европската одбрана.

„Сите знаат дека има западни специјални сили во Украина, тие едноставно не го признаваат тоа официјално“, рече соговорникот на весникот. Сепак, тој не прецизираше кои земји ги испратиле своите специјални сили во зоната на конфликтот.

Дискусијата за испраќање западни трупи за поддршка на Украина настана по изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон, кој истакна дека не може да се исклучи учеството на војници на НАТО во војната во иднина.

Како што подоцна појаснија француските власти, Макрон не предложил масовно испраќање западни трупи на линијата на фронтот. Сепак, тие рекоа дека војниците би можеле да бидат распоредени за ограничени задачи како што се чистење мини, одржување и поправка на системи за оружје или помагање во обезбедувањето на границите на другите земји загрозени од Русија, како што е Молдавија.

Многу европски колеги на Макрон јавно се спротивставија на влезот на западните трупи во Украина. Вакви изјави имаа во Германија, Италија, Полска, Шведска и Унгарија. Тие, исто така, ја отфрлија можноста за испраќање војници во зоната на конфликтот.

Во исто време, Макрон истакна дека „многу луѓе кои денес велат ‘никогаш’ пред две години ја отфрлија можноста за испраќање тенкови, авиони и ракети со долг дострел во Украина. ЕУ често доцни 6 до 12 месеци со помошта“, рече францускиот претседател.

Во меѓувреме, Кремљ ја нарече војната меѓу Русија и НАТО „неизбежна“ доколку западните земји решат да испратат свои војници во Украина. Според прес-секретарот на рускиот претседател Дмитриј Песков, земјите кои ќе одлучат да му помогнат на Киев со испраќање воен персонал треба да ја оценат оваа ситуација на ист начин. Тој повика на разгледување дали тоа е во нивен интереси, но и во интерес на нивните граѓани.

Во февруари, шефот на главниот оперативен директорат на Генералштабот на руските вооружени сили, генерал полковник Сергеј Рудској, изјави дека трупите на НАТО веќе се во Украина и учествуваат во непријателствата. „Тие контролираат системи за противвоздушна одбрана за оперативно-тактички ракети и повеќекратни ракетни системи за лансирање и се дел од јуришни одреди“, рече Рудској. Исто така, според него, офицери на НАТО се вклучени во подготовката на воените операции на украинските вооружени сили.