Западна Австралија ја ограничува продажбата на алкохол


Државата Западна Австралија најави ограничување на продажбата на алкохол, со цел превентивно да го спречи порастот на проблеми поврзани со алкохолот, кои би ги трошеле ресурсите на полицијата и итните служби и дополнително би претставувале товар за здравствениот систем.

Со ваквата мерка, секој граѓанин ќе може да купи најмногу комбинација од два производа: пакет пиво, јаболковача или мешани алкохолни пијалоци, пакет со три шишиња вино, еден литар жесток алкохолен пијалок или еден литар ликер.

Тоа е прва држава во Австралија која ја ограничи продажбата на алкохол. Властите соопштија дека ограничувањата се насочени кон намалување на големата потрошувачка и проблемите поврзани со алкохолот во период на пандемија на коронавирусот.

Мерките ќе бидат во сила две недели, а би можеле и да се продолжат.