Западен Балкан исчезна од приоритетите на чешкото претседателство со ЕУ

Прага најавуваше дека ќе организира нов самит ЕУ-Западен Балкан. Сега тоа го нема и најавува самит ЕУ-Украина. Тоа е одраз на руската инвазија на Украина


Премиерот Петр Фијала ги претставува приоритетите ба чешкото претседателство со ЕУ

 

Иако во последниве две години Прага зборуваше дека проширувањето на Европската унија кон Западен Балкан е еден од нејзините најважни приоритети, тоа го нема во врвната агенда на претседателството на Чешка со ЕУ кое почнува на 1 јули. Тој отклон беше најавуван последниве месеци откако во Прага има нова влада, а со презентирањето на приоритетите на чешкото претседатлество оваа недела доби и потврда. Дали тоа значи дека францускиот обид да се реши прашањето со бугарското вето е последниот обиод во догледно време не е сосем јасно, но сигурно дека интересите на Унијата, барем во наредните шест месеци, нема да бидат приоритетно насочени кон овој регион.

„Вината“ за ова во голема мерка треба да се бара во руската инвазија на Украина. Есента 2020 година тогашниот министер за надворешни работи на Чешка, Томаш Петричек, најави дека неговата земја ќе организира нов самит на Европската унија и Западен Балкан кога таа ќе претседава со Унијата во втората половина на 2022 година. Петричек тогаш рече дека неговата земја е еден од најголемите поборници за проширување на Унијата и затоа еден од нејзините клучни приоритети ќе биде побрзо приближување на западнобалканските држави кон ЕУ. Сега тоа го нема во прироритетите и Прага најавува друг самит наесен – меѓу ЕУ и Украина

Тоа би значело дека средбата на европските и западнобалканските лидери на 23 јуни во Брисел е единствената што ќе биде за догледно време.

Мотото на чешкото претседателство e „Европа како задача“ што е јавна декларација за наследството на првиот чешки претседател Вацлав Хавел и тоа е одраз на истоимениот есеј објавен во 1996 година од поранешниот претседател. Ова мото, вели Прага, е сведоштво и потсетување дека сите треба континуирано да работат за модерна и функционална Европа. Мотото изразува посветеност за зајакнување на заедничката слобода, одговорност, безбедност и просперитет.

Изразито проевропскиот премиер Петр Фијала пред неколку дена ги претстави петте приоритети на чешкото претседателство:

  1. Управување со бегалската криза и повоеното закрепнување на Украина
  2. Енергетска безбедност
  3. Зајакнување на одбранбените способности на Европа и безбедноста на сајбер просторот
  4. Стратешка отпорност на европската економија
  5. Отпорност на демократските институции

„Европа е пред сè збирка на принципи и вредности кои ги поддржуваме и негуваме заедно. Основните се слободата и одговорноста. Слободата на поединците, но и на нациите. Одговорност за себе, за нашите семејства, за другите граѓани, но исто така за околината што нѐ опкружува“, рече Фијала.

Со други зборови тоа значи дека руската инвазија на Украина е централна за чешкото претседателство со Советот на ЕУ, како во однос на обезбедување хуманитарна поддршка за земјата, така и во однос на притисокот за доделување на статусот кандидат за ЕУ ​​на Украина.

Чешка е меѓу најгласните промотори на кандидатскиот статус за Украина од почетокот на војната, заедно со Полска и балтичките земји, и ја изјави својата намера да го искористи претседателството за „да работи во корист на постигнување консензус“ за прашањето.

Претседателството, исто така, ќе ја поддржи „понатамошната употреба на инструментите на ЕУ за испорака на оружје за Украина“. За време на презентацијата на приоритетите на претседателството Фијала, рече: „Јасно е што мораме да направиме за да ставиме крај на војната. Направете притисок врз Русија, одржувајте го европското единство, продолжете да ја поддржувате Украина и обидете се да се осигурате дека агресивните планови на Владимир Путин нема да успеат“.

Покрај тоа, чешкото претседателство се надева дека ќе организира самит ЕУ-Украина во октомври 2022 година, на кој лично би присуствувал украинскиот претседател Володимир Зеленски, во зависност од безбедносната ситуација во земјата во тоа време.

Прага, исто така, сака да обезбеди ефективно спроведување на санкциите за Русија и да ја поддржи истрагата за воените злосторства во соработка со Меѓународниот кривичен суд.

Друг клучен приоритет на чешкото претседателство ќе биде притисок за развој на енергетската инфраструктура и градење на отпорност на енергетскиот сектор на ЕУ, вклучувајќи ги сите мерки потребни за да се стави крај на зависноста на Европа од рускиот увоз на енергија до 2027 година.

„На крај, но не и најмалку важно, чешкото претседателство ќе се фокусира на улогата на нуклеарната енергија во обезбедувањето енергетска безбедност на ЕУ и исполнувањето на климатските цели на ЕУ“, пишува во официјалниот документ, претставен на 15 јуни. (Љ.П.)