Западен Балкан и безбедносните прашања тема на состанок на НАТО сојузници од регионот


Премиерот Димитар Ковачевски и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска ќе бидат домаќини на неформалниот состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот. Столтенберг, кој е во официјална посета на нашата држава, во своето обраќање во Собранието вчера порача дека токму оваа средба ја одразува важноста која ја придаваат на Северна Македонија како членка на НАТО.

Столтенберг, вчера на прес-конференција со премиерот Ковачевски рече дека одржувањето на регионалниот состанок во Скопје е признание за важноста на улогата што Северна Македонија ја игра во оваа Алијанса и покажува, како што кажа, колку ние го цениме фактот дека вие сте полноправна членка.

Тој информираше дека на утрешниот неформален состанок на лидерите на НАТО сојузници што ќе се одржи во Скопје, ќе разговараат за Западен Балкан и безбедносните прашања во поширок контекст, како што е руската воена агресија против Украина и активностите во регионот. Столтенберг потенцира дека Западниот Балкан е есенцијален за безбедноста во Европа.

-Во последните неколку дена сум во посета на Западен Балкан. Ги посетив Босна и Херцеговина, Србија и Косово, а ќе се сретнам со лидерите на наши сојузници од Албанија, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Северна Македонија. Токму оваа средба ја одразува важноста која ја придаваме на Северна Македонија како членка на НАТО. Вие со пример покажувате како луѓето од различни етнички и религиски позадини може да живеат заедно и да градат држава, рече Столтенберг.

Според Столтенберг, Северна Македонија е доказ дека со посветена работа, реформи и посветеност кон вредностите и идеалите на трансатланската заедница како што се слободата, демократијата и владеење на правото, секогаш е возможен напредок.

Тој потенцира дека членството во ЕУ дополнително ќе ја зајакне демократијата, владеење на правото и социјалната правда, а ќе ги зголеми можностите за сите граѓани, особено за младите.

-Ве охрабрувам постојано да работите, како што работевте за членството во НАТО, и да го комплетирате вашето патешествие кон срцето на европското семејство. Членство на НАТО ќе го трасира вашето членство во ЕУ, онака како што беше случај со државите пред вас. Членството во НАТО е добро за Северна Македонија, но добро е и за НАТО. Вашите вооружени сили активно придонесуваат во меѓународниот мир и безбедност, додаде Столтенберг.