Занаетчиите бараат финансиска поддршка за да ги одржат бизнисите и да ги задржат вработените


Во услови на криза настаната поради епидемијата со Ковид-19 занаетчискиот сектор се соочува со многу предизвици. Занаетчиите се соочуваат со намалена побарувачка на занаетчиските производи и услуги, проблеми со одржување на ликвидноста на бизнисот, недостаток на финансии за исплата на плати и придонеси за вработените, преоптовареност со парафискални давачки како и сивата економија како нелојална конкуренција на легалниот бизнис, соопшти денеска Занаетчиската комора.

Дополнително уште еден товар за занаетчиите, како што посочуваат, претставува најавувањето за покачување на минималната плата поради тоа што со покачување на минималната плата ќе се зголемат и трошоците по основ придонеси. Голем дел од занаетчиите и сега имаат проблем со ликвидноста и имаат проблем со плаќањето на придонесите, што, велат, може да доведе до бришење на голем број занаетчиски бизниси.

– Како мерка која се покажа дека е неопходна за многу занаетчиски бизниси да опстанат во услови на економска криза е мерката за финансиска подршка за плата за самостојните вршители на дејност и вработените во занаетчискиот сектор. Без финансиска поддршка за плата многу занаетчии ќе останат без финансии и нема да бидат во можност да ги одржат бизнисите активни во наредниот период и да ги задржат вработените, се наведува во соопштението.

Претседателот на Занаетчиската комора Скопје Горан Ристовски, истакна дека сите занаетчиски дејности имаат проблеми во функционирањето, падот на побарувачката на занаетчиски производи и услуги е драстичен, а со тоа се јавуваат и финансиски проблеми кај занаетчиите како да го одржат бизнисот ликвиден, и да ги исплатат тековните трошоци: закуп, тековни трошоци за струја, вода, плати за вработени и други трошоци.

– Покачувањето на репроматеријалите и порастот на останатите тековните трошоци дополнително го отежнува нашето работење, а покачувањето на минималната плата ќе доведе до отпуштање на вработени и затварање на занаетчиски бизниси, истакна Ристовски во пишана изјава.