Замрзнуваат цените на оризот и на јајцата, Владата утре ќе донесе одлука

Со цел да се спречи недостиг на јајца на пазарот Владата ќе ги обврзе производителите дел од производството да го пласираат на домашниот пазар


 

Утре на седница на Владата ќе се замрзнат цените на оризот и на јајцата, најави денес на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши, Тој додаде дека замрзнатите цени ќе бидат на ниво согласно цените кои биле претходно во текот на овој месец. Со цел да се спречи недостиг на јајца на пазарот, особено во пресрет на претстојните Велигденски и Рамазански празници, Владата утре процентуално ќе го ограничи извозот, односно ќе ги обврзе производителите на јајца дел од производството да го пласираат на домашниот пазар.

„Во делот на цената, имаме конкретен предлог од Министерството за економија. Нема да биде денешната цена, туку една од месец март. Не би сакал тоа јавно да го кажам, затоа што одредени трговци и производители би можеле да се подготват. Тоа не значи дека немаме доверба кај нашите стопанственици, но пред конечната одлука од страна на Владата не би сакал да објавам“, рече Бектеши одговарајќи на прашања на новинарите. 

Замрзнатите цени ќе стапат во сила веднаш штом се објават во Службен весник.

Во однос на можноста домашните производители на јајца да го зголемат извозот, со оглед дека во регионот јајцата се поскапи, Бектеши рече дека во моментов цените на јајцата кај нас се најниски.

„Тоа може да се случи и затоа сме многу внимателни. Затоа велиме дека нема да дозволиме зголемување на цените заради зголемување на побарувачката во пресрет на Велигден и Рамазан и Бајрам, бидејќи секое зголемување на побарувачката е проследено со зголемување на цените имајќи предвид дека има недостиг на овој производ. Значи, зголемување на цените нема да има и недостиг на овие производи нема да има“, рече Бектеши.

Тој потврди дека побарувачката за јајца се зголемува од другите држави кон нашите домашни производители, со повисоки цени од постојните кои ние ги имаме на пазарот, отфрлајќи ја можноста поради тоа да се забрани извозот. Сепак, во овој дел исто така ќе има мерки во насока да се задоволи домашната побарувачка.

„Ако носиме одлука за забрана на извоз, тоа ќе биде спротивно на договорите на ЦЕФТА во регионот и на договорите за слободна трговија што ги имаме со Европската унија, при што може да следат одредени санкции за нашата држава. Затоа таква одлука не е опција во моментот.
Но, за да ги зачуваме постојните цени, а извозот да биде согласно тоа што бил претходно, ние утре нема да носиме само одлука за замрзнување на цената туку ќе ограничиме и доволно производство за потребите на домашниот пазар, што значи дека процентуално ќе може да се направи извозот“, рече Бектеши.

За сега, не се размислува за замрзнување на цената на месото, но тој прецизира дека цените на месните производи ќе бидат една од наредните мерки што ќе се анализираат. Бектеши ги пофали компаниите од месната индустрија кои уште пред март почнале да ги намалуваат цените.

„Некои од домашните компании уште пред март почнаа да ги намалуваат цените. Ние и ги посетивме. Цените на месните проиозводи кои се увезуваат ќе биде една од наредните мерки што ќе се анализираат од страна на Министерството за економија“, рече Бектеши.

Во делот на шеќерот и на брашното, како што посочи Бектеши, согласно податоците на Царинската управа во делот на увозните цени и цените кои се произведуваат, има намалување и трендот на намалување ќе продолжи.

„Затоа таму нема да преземеме никакви мерки, затоа што очекуваме цените во наредните денови сами да паѓаат согласно податоците кои ги имаме“, рече Бектеши.

Во случај тоа да не се направи од страна на трговците, кон крајот на оваа недела или во почетокот на наредната недела ќе следат дополнителни одлуки и за шеќерот и за цената на брашното, додаде тој.

Бектеши рече дека со ова завршува кругот на замрзнување на цените на основните прехранбени производи, но додаде дека ако има потреба, ќе следат мерки и за другите елементи кои што ја сочинуваат потрошувачката кошничка.

Од 16 март се замрзнати цените на тестенините и млечните производи, а претходно, од 28 февруари е замрзната и цената на лебот. Тогаш Владата донесе одлука и за укинување на субвенционираната струја за компаниите од прехранбената индустрија.

Во однос на овошјето и зеленчукот, чии цени исто така се во пораст, министерот повика на претпазливост во носењето мерки.

„Да бидеме внимателни во делот на земјоделските производи, овошје и зеленчук, бидејќи е специфичен начинот на кој што се работат овие производи. Ние како Министерство за економија немаме многу голем инпут за да можеме да направиме детални анализи.
Ако такви капацитети има Министерство за земјоделство добредојдени се нивните податоци препораки и слично“, рече Бектеши, додавајќи дека кај другите производи, како Министерство за економија има доволно податоци и во делот на увозот и во делот на домашното производство, кои се следат тековно и доколку има потреба ќе следат и мерки. (М.Ј.)