Замрзнати цените на леб, сол, зејтин, млеко…

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ќе одржи работен состанок со сопствениците на најголемите супермаркети во земјата.

На состанокот ќе се дискутира за мерките за спречување на ширење на вирусот КОВИД-19, како и за цените на основните производи во трговските синџири.

Владата на синоќешната седница донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти: леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциски средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

Оваа Одлука, како што соопшти, влегува со сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а е усвоена за да не се злоупотреби моментната состојба на пазарот, како и за да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка поради ситуацијата со коронавирусот.

Владата синоќа го задолжи Министерството за економија веднаш да достави предлог за 100-процентно ослободување од царински давачки за производите брашно од пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни, марамчиња, рачни крпи во ролни, маски пластични со текстилен филтер, прекривки текстилни за хируршка употреба, одело хируршко од хартија, маски хартиени, одело заштитно гумено, ракавици гумени, хируршки и останати, одело хируршко текстилно, варикина и останати средства за дезинфекција, асепсол, медицински алкохол, и заштитни наочари.

На седницата е усвоена и Информацијата со која се предлага забрана за извоз на пченица и брашно од пченица кон сите земји за неограничено време. Министерството за економија, Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство и Царинската управа треба да ги преземат сите неопходни активности со цел спроведување на оваа мерка.

На мелничко-преработувачката индустрија и се препорачува да ја има предвид бесцаринската квота за увоз на пченица од земјите-членки на СТО во количина од 80.000 тони.

Владата ги задолжи Министерството за економија, Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство, и Агенција за стокови резерви, заедно со мелничко-преработувачката индустрија да ја утврдат моментната состојба со залихите на пченица и брашно и за истото да ја информираат Владата.

Министерството за економија, Министерството за земјоделство и Агенцијата за стокови резерви ќе треба да изработат листа на прехранбени производи кои би биле предмет на евентуален интервентен увоз во рок од пет дена, а Агенцијата за стокови резерви веднаш треба да достави листа на стоки кои ги има на залиха со податоци за количина.

Царинската управа во соработка со Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство, во наредниот период треба да го следи трендот на извоз на рафинирано сончогледово масло за јадење, ориз, кондиторски и пекарски производи (тестенини, бисквити и слично) и за истото да ја информира Владата на Република Северна Македонија.