„Замисли нов свет“ нова премиера во МНТ, инспирирана од творештвото на Горан Стефановски
„Замисли нов свет“ е новата премиера на Македонскиот народен театар (МНТ) во режија на Нела Витошевиќ која ќе биде изведена на 16 и 17 декември. Претставата претставува колаж од сцени од седум драми на Горан Стефановски – „Црна дупка“, „Лет во место“, „Чернодрински се враќа дома“, „Диво месо“, „Сега му е мајката’ „Тетовирани души“, „Кула вавилонска“. Претставата е копродукција со „Сектор филм“.
Во претставата играат актерите Дамјан Цветановски, Игор Ангелов, Верица Недеска, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски.
Режисерката Нела Витошевиќ на денешната прес-конференција истакна дека земени се сцени кои се најпознати од неговото творештво, ставени се во постмодернистичка рамка, а како сврзно ткиво користени се сонгови искомпнирони од Огнен Анастасовски.
Потенцира дека со оваа претстава сакале да ја подвлечеме моќта на приказната и моќта на театарот да создава нови поинакви приказни.
-Јас имав привилегија Горан Стефановски да ми биде професор по драматургија на моите магистерски студии и да ги следам неговите магични предавања каде што не зарази со театар. Ми претставува огромна чест што конечно добив прилика да работам нешто од мојот професор Горан Стефановски. Ние со Ана Ристоска тргнавме од тоа, бидејќи како што вели самиот Горан „Јас сум драмски автор, јас сум раскажувач на приказни, живеам во повеќе светови, но најмногу припаѓам на една земја која се вика театар“. Ние со оваа претстава тргнувајќи од таа појдовна точка, сакавме да ја подвлечеме моќта на приказната и моќта на театарот да создава нови поинакви приказни. За таа цел одбравме седум сцени од култни дела на Горан Стефановски од првата фаза од неговото творештво и една од втората фаза и тие ги споивме во една целина во која што се преплетуваат неколку теми, а тоа е темата за себеспознавање или потрага по идентитет, потрага по секој да ја најде својата приказна, да ја преиспита својата приказна и да биде спремен одново да ја создава. Се испреплетува темата на генерациски јаз млади наспроти стари и она што е крајно карактеристично за Горан а тоа е да спротивставува, театарот да го направи како една арена во која се спротивставуваат различни гледишта, а од таму да и отвори простор на публиката да ја одбере својата приказна, да ја одбере својата вистина и едноставно да понуди одговор, да отвори одредени општествени прашања за вредносниот систем да ги посочи посочи аномалиите во општеството и тоа е до кое се држевме. Во екипата има нови млади лица, но и стари соработници со кои сум соработувала. Посебно ми е драго што актерката Верица Недеска која се враќа на театарската сцена по 20 година, рече Витошевиќ.
Таа нагласи дека изборот на актерите во претставата го направила според улогите и потенцијалот на актерите.
-Не правев аудиција. Кога е независен проект, ја имаш слободата да одбереш кого сакаш. Јас како и секогаш, така и сега, ги одбрав актерите според улогите, според нивниот потенцијал. Некои ги имав гледано, некои помалку, меѓутоа сакав да направам една екипа во која што ќе има и повеќе луѓе со кои не сум соработувала, бидејќи многу често соработувам со истите луѓе, а сега сакав да го проширам тоа поле и да создадам една екипа која е нова за мене и која ќе ви донесе нова енергија и старите соработници кои го знаат мојот јазик и знаат како размислувам и ќе направиме една убава симбиоза, рече Витошевиќ.
Театарскиот проект „Замисли нов свет“ е инициран од Телеком, во рамки на иницијативата #НаправиМесто со која се адресираат предизвиците со кои се соочуваме како општество и се повикува за нивно надминување