Замина во легендите Ристо- Ице Ќорнаков, клавијатуристот на „Зијан“
Во моментот кога полека заминува 2024 година, во 61-та година од животот ненадејно почина Ристо, Ице Ќорнаков, клавијатуристот на легендарната рок група од Гевгелија, „Зијан“. А, само пред еден месец, поточно на 7 ноември, настапи заедно со останатите членови на бендот на концертот, со кој беа одбележани 42 години од настапот на сцената на Младинскиот културен центар во Скопје.
Ице ќе остане засекогаш запаметен на страниците на македонската популарна музиката со вонвременските песни, што заедно со другите членови на „Зијан“ ги создадоа на радост на големиот број нивни обожаватели во Македонија и пошироко на Балканот.
– „Зијан„ останува мерка на еден постојан квалитет. Нивната музика останува свежа и со текот на годините не губи ништо од својата свежина, благодарејќи пред се на интересната и ненаметлива употреба на македонскиот мелос во нивните композиции, одличните текстови и луцидните аранжмански решенија – велат критичарите.