Заменик – директорот на кумановската болница позитивен на Ковид-19 – инфективно останува да работи


Заменик-директорот на кумановската болница Илбер Исуфи преку објава на неговиот  Фејсбук профил информира дека е позитивен на корона вирусот.

Исуфи во објавата вели дека и тој и неговото семејство се чувствуваат добро.

– По неколкуте симптоми на коронавирусот, го направив тестот и пред два дена го добив резултатот, кој беше позитивен, пишува Исуфи.

Тој, воедно, апелира до граѓаните на Куманово и Општина Липково да останат дома, да не се собираат во групи, бидејќи, вели, секој од нас е одговорен за последиците.

Општата болница Куманово, пак, денеска информираше дека Инфективниот оддел за пациентите со полесна и средно-тешка клиничка слика на Ковид 19, останува во функција, но одделот Инфективно 2 (зграда од одделот уво, грло и нос) е затворен и пациентите ќе бидат транспортирани на Инфективна клиника Скопје поради рационализација на персоналот, соопштуваат од болницата.

-Досега згрижувавме преку 30 пациенти, а немавме ниту простор, ниту услови за поголем број пациенти, ниту стручен кадар, бидејќи од четири инфектолози, двајца се на боледување, се вели во објавата на кумановската Болница.

Оттаму уште еднаш апелираа до кумановци да ги следат препораките на Светската Здравствена Организација и Министерството за здравство, да останат дома и заеднички да се победи вирусот.