Закупени 70 – 80 отсто од капацитети во Охрид за празниците


Фото: Б. Грданоски

Околу 70 – 80 отсто од туристичките капацитети во Охрид се веќе закупени за претстојните велигденски и првомајски празници, рече денеска директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски.

Јаневски на прес-конференција соопшти дека се потпишуваат и аранжманите за летото.

-Се надеваме дека со иницијативата „Отворен Балкан“ ќе ја воведеме долгоочекуваната авиолинија Белград – Охрид, а догодина ќе ја овозможиме и линијата Софија – Охрид, Охрид- Варна, истакна директорот, додавајќи дека за празниците во земјава се очекуваат и странски, не само туристи од регионот.

Според него, во 2022 се очекува зголемување за 20 – 30 отсто на турските туристи, натамошен раст на српските гости, како и драстично зголемување за 100 или повеќе проценти на холандските туристи.

-Еден од холандските тур-оператори најави дека во јуни ќе има четири чартери, во јули и август се надева дека ќе воведе и петти чартер, односно 80 – 100 чартери во текот на сезоната што е одличен сигнал за другите дестинации и големите тур-оператори дека земјава е сигурна дестинација. Поголем број туристи очекувам и со рестартирање на „Виз Ер“ линиите, рече директорот.

Негова оценка е дека туристичката сорабокта со Бугарија ќе се интензивира, не само по воведувањето на авиолинијата, туку и поради намалување на мерките, подобрувањето на КОВИД состојбата и поголемата политичка соработка.

-Се надеваме дека во 2022 бугарските туристи ќе бидат меѓу првите осум во земјава, подвлече Јаневски.

Тој уште еднаш кажа дека вложувањата во туристичката индустрија се многу важни, а моментно треба да се насочени пред се кон руралниот и еко туризмот.

-Уделот на туризмот во домашниот БДП е три отсто за разлика од регионот каде што е 10 – 11 проценти, посочи Јаневски.