Законски или не – како почна смената на директори во битолските училишта

Ако законски за директорување во училиште е потребна лиценца, новата локална власт во Битола нема доволен број на нови кадри кои би можела да ги постави за директори во овој период


 

БИТОЛА Почна смената на директорите во битолските училишта, но во исто време се отвори дилемата – дали директорите поставени од претходната локална власт на СДСМ се менуваат законски или пак новиот градоначалник Тони Коњановски ги пречекорува своите ингеренции.

Всушност по смената на локална власт во Битола расте тензијата во битолското образование. Директорите поставени од СДСМ не отстапуваат од мандатот, додека пак новиот градоначалник полека почна да ги спроведува промените и да поставува нови лица на раководни функции.

Вчера Општина Битола јавно објави дека е сменет директорот на една од битолските гимназии СОУ „Таки Даскало“ и на негово место е поставен професор вработен во колективот кој треба да ја извршува новата функција како вршител на должност.
Но, дилемата на просветната фела во Битола и дел од актуелните директори на училиштата, е колку е законско назначувањето од страна на Коњановски, дали поставениот нов директор има активна лиценца за директор пропишана со закон или пак смените на директорите во образованието се политички мотивирани.

Според јавно објавените податоци од Државниот испитен центар, новиот директор на гимназијата СОУ „Таки Даскало“ во Битола, Ристо Грујовски нема важечка лиценца за директор, додека пак сменетиот директор со оваа лиценца се стекнал во јули годинава. Од истиот официјален каталог може да се констатира дека важечка лиценца за директор на училиште имаат само актуелни директори на училишта во Битола поставени од СДСМ и уште шест други просветни работници од градот, од кои дел бивши директори на СДСМ.

Директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска: Општината со назначувањето на директор без активна лиценца го прекршила членот 91 од Законот за средно образование

Оттука, ако законски за директорување во училиште е потребна лиценца, ова значи дека новата локална власт во Битола нема доволен број на нови кадри кои би можела да ги постави за директори во овој период.

Директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска, во изјава за „Независен“ вели дека општината со назначувањето на директор без активна лиценца го прекршила членот 91 од Законот за средно образование.

-Секторот за човечки ресурси во Општина Битола различно го толкува законот. Ако во 2017 година, бараше просветни работници со активна лиценца за директори, сега работи спротивно на членот 91 од Законот за средно образование. Единствен кој има активна лиценца за директор во СОУ „Таки Даскало“ е сменетиот Добре Босилковски, кој ги исполнува сите услови за директор и кај кого не се констатирани прекршоци во досегашното работење. Градоначалникот го крши законот уште на самиот старт, иако училиштето го информирало кој има активна лиценца за директор, изјави Наумовска. Според неа во Гимназијата веќе е отпочната постапка за избор на директор по конкурс, која била ставена во мирување заради локалните избори.

Од Општина Битола за „Независен“ велат дека смената на директорот во Гимназијата е спроведена законски.

-Ве известуваме дека, разрешувањето на в.д директорот на Средното општинско училиште „Таки Даскало“, Добре Босилковски е извршено согласно член 50 од Законот за локална самоуправа и член 93 в од Законот за средно образование.

Од Општина Битола велат дека смената на директорот во Гимназијата е спроведена законски: градоначалникот Тони Коњановски

Назначувањето на професорот по географија, Ристо Грујовски за в.д директор е извршено согласно член 93 в од Законот за средно образование, стои во одговорот од Општина Битола.

Во Законот за средно образование на кој се повикува Коњановски се вели дека „Градоначалникот, а за државните средни училишта министерот, во рок од три дена од денот на разрешувањето на директорот именува вршител на должноста директор од редот на вработените во училиштето кој ги исполнува условите за директор. Вршителот на должноста директор ги врши работите до именувањето на нов директор, но не подолго од шест месеци од денот на неговото именување“.

Додека пак во посочениот член 50 од Законот за локална самоуправа меѓу надлежностите на градоначалникот стои дека тој „избира директори на јавните служби кои ги основала општината, врз основа на јавен конкурс“.

Од 2006 година, училиштата се под капата на локалната самоуправа.
Во овој случај дали градоначалникот го прекршил законот или пак не, треба да утврди Државниот просветен инспекторат.

Факт е дека во битолските училишта најголем дел од директорите имаат важечки мандат, некои до 6 месеци, а неколкумина имаат мандат и до две години.
Познавачите на состојбите во образованието велат дека тензиите ќе растат околу раководните функции, особено што поставените директори од СДСМ ќе бараат „заштита“ во централната власт, додека пак, оние што евентуално ќе ги назначи градоначалникот ќе се „потпираат“ на локалната власт.

По ваквата подвоеност, просветната фела веќе го отвори прашањето дали министерката Мила Царовска ќе се реши на веќе испробан чекор и по примерот на Гостивар ќе и ги одземе ингеренциите на локалната власт во Битола, да одлучува за назначувањето на директорите во битолските училишта.