Законската обврска за носење зимска опрема во возилата започнува за четири дена
Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП), во рамки на кампањата „Користи зимска опрема“, ги потсетува возачите на моторни возила на законската обврска за поседување на зимска опрема во возилото (независно на тоа дали се вклучени во сообраќајот во населено место или надвор од населено место), од 15 ноември оваа година до 15 март следната година.
„Неповолните временски услови на патиштата (влажни коловози, пониски температури, врнежи на дожд и снег, намалена видливост) може да го зголемат времето на реакција на возачите, да ги деконцентрираат, да го продолжат сопирачкиот пат на возилото и сл. Затоа РСБСП советува да се провери возилото и да се подготви за зимските услови, да се почитува законската обврска за носење на зимска опрема и да се придонесе за побезбедно учество во сообраќајот на патиштата“, велат оттаму.
РСБСП упатува апел до возачите на моторни возила да бидат внимателни и да возат одговорно, да ги следат информациите за временските услови на патиштата, да го прилагодат возењето според условите на патот, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и патната сигнализација, да носат зимска опрема во возилото и да ја користат соодветно, да направат зимска проверка на возилото односно проверка на антифризот, маслото во моторот, течноста за бришачите на ветробранското стакло, да го проверат акумулаторот и притисокот на пневматиците, да обезбедат течност или спреј за одмрзнување на стакло, брави и слично.
„Одржувајте поголемо растојанието меѓу возилата, избегнувајте нагло сопирање на возилото, избегнувајте нагло намалување или зголемување на брзината на возилото. Проверете ја подготвеноста на возилото за зимски услови на патиштата. Да придонесеме за намалување на несаканите последици и зголемување на личната и безбедноста на другите учесници во сообраќајот“, потенцираат оттаму.