Законот за попис не се враќа во владина процедура, ќе се интервенира со амандмани


Владата до Собранието испратила предлог закон за попис и тоа во идентична форма како што беше во собраниска процедура во претходниот парламентарен состав. Министерот за правда Бојан Маричиќ очекува за законот поддршка да даде и опозицијата и тој да биде донесен навреме со цел пописот да се одржи во април наредната година. Во однос на усогласувањето на одредбата законот да се донесе една година пред спроведување на пописот, Маричиќ рече дека тој нема да се враќа во владина процедура туку ќе се интервенира преку амандмани во текот на собраниската расправа.

– Последниот попис во нашата земја е одржан во 2002 година. Тоа е пред 18 години, така што сме единствена држава во регионот, а и во Европа која што се уште нема одржано попис во толкава временска дистанца со толкава временска разлика. Затоа, Владата остана на оној текст на законот што веќе го поднесе во Собранието претходно. Значи, ние мисламе дека изградивме еден систем во кој нема да има Државна пописна комисија, туку целиот процес ќе се одвива преку Заводот за статистика. Имаме една ситуација во која што ќе се користат сите современи достапни инструменти за попишување и сметаме дека е ова добра основа и добар текст на законот којшто може и треба да помине во Собранието со мнозинска поддршка, рече на денешната прес-конференција министерот Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање.

Спред него, секое натамошно одолговлекување на процесот на разговори, преговори и повторно отворање на текстот на законот може само да доведе до ново одлагање на операцијата.

– Единствена можност и најдобра можност за пописот да се одвива и да се случи во 2021 година е тоа да се случи напролет, поточно во април затоа што знаеме дека веќе во октомври идната година имаме редовни локални избори и невозможно е наесен да биде спроведен пописот. Ние имаме коалициска одлука, владина одлука дека е добро тој попис да се одржи напролет и затоа остануваме на тој Предлог-закон којшто го предложивме во Собранието. Веруваме дека опозицијата ќе биде разумна и дека ќе ја разбере потребата и неопходноста од донесување на овој закон брзо, во брз рок за да можеме да го спроведеме пописот бна пролет, рече тој.

Во однос на оние одредби коишто се однесуваат на роковите коишто веќе се истечени бидејќи важеле во моментот кога е поднесен законскиот текст, Маричиќ истакна дека во соработка со пратениците, преку амандмани ќе се обидат да ги корегираат тие рокови за да може да функционира законот и кога ќе биде донесен да биде спроведен пописот во април 2021 година.

– Така што нема да го враќаме тој текст повторно во владина постапка и сметаме дека овие неколку ситни измени можат да се случат и со амандмански интервенции во текстот на законот во Собранието, рече министерот за правда.