Законот за новото СЈО отиде на пауза


Артан Груби, претседателот на Комисијата за европски прашања, на почетокот на денешната седница соопшти дека поднесени се четириесетина амандмани за законот за обвинителство и прогласи пауза на неопределено време.

Неофицијално, со тоа им се дава шанса на партиите да ги усогласат ставовите пред продолжетокот на седницата.

Според наши извори, седницата ќе трае два дена (денеска и во понеделник), а утре и задутре Собранието ќе решава за новите промени во владата (назначувањето на Нина Ангеловска за министер за финансии), па веќе во вторник ќе биде појасна ситуацијата како стојат работите во парламентот кога е во прашање законот со кој се обезбедува и иднината на СЈО преку новоформираното Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција.

Во моментов, владата нема двотретинско мнозинство, па затоа се инсистира на договор со опозицијата. Во спротивно, од „Илинденска“ порачаа дека имаат план „Б“. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека во таков случај, новиот закон ќе важи само додека се смени власта.