Законот за ЈО пред пратениците најрано на 29 јули, може да се донесе до крајот на август


Предлог-законот за Јавното обвинителство се уште не е доставен од Владата до Собранието, но доколку биде доставен во текот на денешниот ден или утре собраниска седница ќе може да се свика на 29 јули, а законот би може да биде донесен до крајот на август во случај да се постигне широк консензус, изјави денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Џафери кажа дека прашањето за тоа дали законот би можел да биде донесен до 15 септември му било поставено и од страна на американската амбасадорка Кејт Брнс на денешната средба во Собранието. . Во тој контекст појасни дека законот би можел да биде донесен и до крајот на август доколку постои согласност за него меѓу политичките субјекти во Парламентот со оглед дека за да се донесе потребно е двотретинско мнозинство.

-Доколку денеска и утре законот пристигне во Собранието, на 29 јули можам да свикам седница и да помине во прво читање. Потоа во рок од седум дена од првото читање законот треба да помине и на матичната комисија, а од 26 до 30 август може да се свика седница за второ читање на законот. Но, тоа е ситуација доколку се усогласат ставовите, кажа Џафери.

На средбата со амбасадорката Брнс, како што информира Џафери, станало збор и за случајот „Рекет“ при што се заложиле за ефикасно и соодветно решавање на овој случај од страна на надлежните институции.

– Работите треба професионално да се следат од надлежната институција која треба да излезе со соодветен заклучок со кој би се заокружил третманот на случајот, во смисла на шпекулации за вклученост на засегнати страни, вели Џафери.

Запрашан дали доколку стигне барање за одземање на имунитет на пратеници, во случај на проширување на истрагата за „Рекет“, тој вели дека Собранието може да се свика и да заседава.

-Собранието по Устав е во постојано заседавање. Каде и да се пратениците се знае дека треба да се подготвени во соодветно време да се вратат. Доколку има потреба, јас треба да планирам со пратеничките групи да имаат информација кој пратеник каде ќе биде за да знаеме во кој рок може да се вратат за да може да имаме соодветна постапка. Во секој случај и да се иницира таква постапка, таа не може да се заврши за пократко од пет дена, затоа што потребно е прво на Комисија да се донесе предлог-заклучок, па потоа тој предлог заклучок оди на пленарна седница. Значи има доволно време да може да се собере Собранието, рече Џафери.

На средбата со Брнс станало збор за повеќе прашања од интерес на двете земји, меѓу кои и за евроатлантските интеграции. Брнс при тоа кажала оти се надева дека до декември ќе биде целосно заокружен процесот на ратификација на Протоколот за членство во НАТО, а станало збор и за отворање на пристапните преговори со ЕУ.

Џафери информира дека до Собранието се уште не е поднесен предлог-закон за ветинг што го најавуваше ДУИ.

За именувањето и надоместокот на ИТ експерти во Комисијата за надзор над ОТА, Џафери кажа дека ова прашање е во надлежност на самата Комисија, а проблемот треба да се надмине со иницирање на дополнување на законот за следење на комуникации.

Претседателот на Собранието посочи и дека формално одморот на пратениците ќе трае до крајот на август, но вообичаено веќе од 25 -26 август започнуваат со активности комисиите. Првата наредна седница после одморите Собранието треба да ја одржи во септември, но можно е седница да се свика и порано доколку има потреба.