Законот за јавно обвинителство донесен по повторено гласање


Во крајно тензична атмосфера и по едно поништено гласање, денес во Собранието беше донесен Законот за јавно обвинителство. Во повтореното гласање „за“ законот се изјаснија 80 пратеници, а шестмина беа „против“. Во собраниската сала беа присутни 116 пратеници од кои гласаа вкупно 86.

Но, ваквиот исход предизвика крајно тензична атмосфера, бидејќи претходно, во првиот обид законот доби 74 гласови „за“ и 32 против. Вкупно беа евидентирани 113 пратеници, од кои гласаа 106. Гласањето беше поништено од страна на спикерот Џафери, кој рече дека системот не ги евидентирал сите што гласале, што предизвика бурни реакции кај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Во процедуралното обраќање координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, им се обрати на пратениците од владејачкото мнозинство со зборовите: „Криминалци, криминалци…“, обвинувајќи дека е прекршен Деловникот на Собранието, Уставот, како и дека владејачката коалиција „продолжува на начин на кој што дојде на власт“. Тој притоа побара едночасовна пауза, што беше прифатено од страна на Џафери.