Законот за бранители повторно закочен во собраниската комисија
Собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади денеска не одржа седница откако нејзината претседателка, Илире Даути, не го прифати предлогот на пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ дневниот ред да се дополни со Предлог-закон за посебните права на припадниците на безбедносните сили и нивните семејства.
Даути ја прекина седницата, како што рече „бидејќи нема разбирање“ и рече дека за нејзиното одржување дополнително ќе биде соопштено.
„Вие повторно барате да се стави точката на дневен ред, но ние имаме сосема различни ставови. Тоа е политичка тема, треба сите страни да се инволвираат за да се разгледа. Имаме заедничка држава и имавме мото ‘Едно општество за сите’. Но, лошото е што вие не разбирате дека борците на ОНА треба да се третираат на ист начин како што предлагате во овој закон. Таа дебата не е за тука, туку за друго место“, рече Даути.
Тренчевска реплицираше дека точката што ја предлага треба да се стави на дневен ред за да може да се дискутира за различните ставови.
„Никој не ви пречи и согласно Деловникот имате право да поднесувате и вие предлог-закон за вашите ставови. Тоа е став на Социјалдемократскиот сојуз и го поднесовме овој Предлог-закон, а вие имате обврска, согласно Деловникот, да го ставите на гласање како дополнителна точка на дневниот ред“, рече Тренчевска.