Законот за акцизи одложен за ноември


Одложена е примената на новиот Закон за акцизи. Наместо од 15 јули, новите акцизни правила ќе важат од први ноември.

Одложувањето, преку закон за изменување и дополнување на Законот за акцизи, предложен од шест пратеници, поминало на Собрание минатата недела. Според образложението, одложувањето е на барање на бизнис-заедницата „за да се овозможи подолго време за нивно усогласување со одредбите од Законот за акцизите, како и со функционирањето на EMCS-системот со кој ќе управува Царинската управа“.

На крајот на мај, производители на домашна ракија од Тиквешијата на средба со претставници на Царината, како изготвувачи на законот, побараа што е можно подолго да се одложи плаќањето на акцизата за домашно произведена ракија.

Новиот закон е изготвен заради усогласување со акцизното законодавство на ЕУ. Патничките автомобили не се предмет на оданочување со овој закон туку со посебен закон за оданочување на моторни возила. Во делот на акцизата за тутун, се менува начинот на плаќање и наместо со подигање на акцизните марки, таа ќе треба да се плати со пуштање на цигарите во промет. Со новиот закон се воведува акциза и за тутун за наргиле, тутун за џвакање, тутун за шмркање, несогорлив тутунски производ и течност за полнење електронска цигара. (А.С.)