Законот треба да се смени, за возачи како тој од „бентлито“ соодветно да се казнуваат


По инцидентот со влетувањето на „бентлито“ во плоштадот во „Македонија“ во Скопје, не престануваат реакциите на граѓаните дека возачот е казнет само со глоба од 45 евра.

Според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, казната е согласно позитивните законски норми, но смета дека законот треба да се смени, за да не се случуваат вакви работи.

Тој вели дека добро е што полицијата веднаш постапила по објавеното видео со автомобилот кој влетува на скопскиот плоштад меѓу луѓе, но според него казната од 45 евра не е доволна.

„Имаме такви неодговорни граѓани кои се однесуваат најблаго речено бахато во едни такви услови да се движат по плоштад и тротоари да паркираат кај ќе им текне“, рече Спасовски.

Спасовски вели дека треба да се размислува за измени во законот, со што казните за вакви активности би биле подрастични и би ги одвраќале сторителите.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, пак вчера на Фејсбук ја објави казната од 45 евра за сопственикот на „бентлито“ и рече дека никој не е над законот, со тоа што е изречена казна за сообраќаен прекршок. Но, денеска најави дека казната нема да сопре тука, затоа што за сторителот се подготвува кривична пријава.

„Тоа што беше снимено на плоштадот е скандалозно. Глобата од 45 евра која ја објавив вчера не значи дека тука завршува работата околу санкционирање на лицето. Ќе биде поднесена кривична пријава бидејќи има елементи на загрозување на безбедноста на сообраќајот. Ќе го држиме обвинителството под око како ќе постапи по овој случај“, рече Шилегов.

Од опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ, пак велат дека се работи за Бурим Маслан познат како Бурим Харачина, а тој е осудуван и во моментов има две активни кривични пријави.

Портпаролот на партијата Наум Стоилковски, вели дека казната што ја доби возачот од 45 евра е грубо исмевање на правдата.

„Тоа што се случи вчера на плоштадот во Скопје е последица на тоа што правниот систем на Заев и Спасовски не функционира и го штити криминалот и ги штити криминалците. Затоа што осудени криминалци не одговараат за сторени кривични дела, а тука Заев, Спасовски и Шилегов глумат правда за прекршок од 45 евра. Возачот на ‘бентлито’ е Бурим Маслан познат како Бурим Харачина, познат на полицијата, кој бил осуден со затворска казна за тешки дела разбојништво и загрозување со предизвикување општа опасност. Лежел затвор за обид за убиство. И од лани има две кривични пријави за разбојништво и за насилство. Лани и кај него е направен претрес дома при онаа т.н спектакуларна полициска акција во Грчец и Арачиново кога беше пронајдено нелегално оружје и дрога. Кај него било пронајдено најмалку едно парче недозволено оружје. Овој човек поминува неказнето за илегално оружје, обид за убиство и насилство и затоа дивее низ скопските улици“, рече Стоилковски.

Вчеравечер, на социјалните мрежи вчера беше објавено видео на кое се гледаше како возилото со голема брзина се движи низ плоштадот во центарот на Скопје, а затекнатите граѓани бегаат наоколу.