Законот донесен, но македонскиот јазик остана во чекалница
Завршува една година која ветуваше многу за македонскиот стандарден јазик, но остави уште повеќе прашања отворени. Во јануари 2024 година беше донесен новиот Закон за употребата на македонскиот јазик. Закон кој предвидува поголема грижа, примена и заштита на македонскиот јазик преку задолжителни лекторирања, вработување лектори во јавните институции и формирање Инспекторат за контрола на неговата примена. Но, наместо да биде клуч за решавање на хроничните проблеми, доцнењето на имплементацијата на овој закон ги откри сите слабости во системот и во односот кон јазикот кој го дефинира нашиот идентитет.
Претседателката на Здружението на лектори, Елизабета Бандиловска, остро реагира на непочитувањето на Законот, оценувајќи дека проблемот започнува уште од градинките, продолжува во образовниот процес, а кулминира во јавните институции. „Сè уште не се почитува јазикот во таа официјална форма во која треба да се почитува, на ниту едно ниво – ни за наставници, ни за новинари, ни за пратеници“, вели Бандиловска, во текстот што го објавува порталот „Трн“.
Според неа, најголемите предизвици за македонскиот стандарден јазик е тоа што сè помалку е присутен и почитуван во јавниот дискурс. Наставниците и професорите често зборуваат на дијалект, дури и во градинките, што значително влијае на јазичната писменост на децата. Голем број од студентите што завршуваат на педагошките факултети немаат доволно квалитет за да бидат носители на јазичната култура. „Јазикот не го губиме надвор – го губиме дома,“ предупредува Бандиловска, посочувајќи дека англискиот јазик доминира во јавниот и образовниот простор.
Законот за македонски јазик, кој беше усвоен пред една година во Собранието, сè уште чека целосна имплементација, и покрај тоа што содржи клучни новини за заштита и унапредување на јазикот. Искра Пановска-Димкова, шеф на Катедрата за македонски јазик при УКИМ, го нагласува значењето на овој закон и најитните чекори за неговата примена.
Еден од најважните членови на законот предвидува задолжително вработување на лектори во сите државни институции. Димкова истакнува дека досега, лекторирањето на службените документи зависеше исклучиво од свеста и добрата волја на институциите, бидејќи немаше тело што ќе го контролира тоа. Новиот закон предвидува формирање инспекторат кој ќе има задача да врши контрола и да санкционира несоодветно користење на јазикот.
„Законот пропишуваше формирање на инспекторат во рок од шест месеци од неговото стапување на сила. Тој рок е одамна поминат, а сè уште нема никакво поместување“, вели Димкова, потенцирајќи ја итноста на ова прашање.
Целиот текст на „Трн“ на овој линк