Заклучно со мај приходите во Буџетот помали за 24 отсто во однос на лани, даноците за 28 отсто
Заклучно со мај, остварувањето на вкупните буџетски приходи изнесува 12,7 милијарди денари што е пад од 24 отсто споредено со истиот период лани, а даночните приходи се 6,5 милијарди денари што е намалување од 28 отсто. Придонесите се реализирани со пет милијарди денари, што е речиси исто на исто ниво како минатата година.
Како што истакна денес министерката за финансии Нина Ангеловска, даночните приходи во мај бележат помал пад од проектираниот што според неа покажува дека е одбрано најсоодветното портфолио согласно анализите и проценките на ситуацијата со ковид-кризата која предизвика рецисија и во најсовремените економии. Избрано е најоптималното сценарио за финансирање во вакво време, на ризици и обезбедени се доволно средства за евентуален дополнителен шок или евентуална потреба од дополнителни мерки, рече Ангеловска.
-Ако се има предвид дека падот на даночните приходи во април беше 31 отсто, значи бележиме подобрување. Реализацијата на даночните приходи според нашето сценарио кое предвидуваше намалување од 31 отсто, е 28. Тоа покажува дека проекциите биле соодветни. Имаме натфрлање или подобра реализација од сценариото за околу 300 милиони денари, напомена Ангеловска.
Според неа, преку трите пакети за поддршка на стопанството досега се обезбедени над 500 милиони евра, но не се сите средства за директна финансиска поддршка. Од Буџетот се одвоени околу 200 милиони евра.
-Менаџирањето на државната каса во вакви услови е исклучително важно, важно е да се остави простор за непредвидливоста. Ние тоа го имаме, имаме простор и за евентуален дополнителен шок и за евентуални дополнителни мерки. Ако се одвива нашето проектирано сценарио ќе имаме средства за најсоодветно маневрирање и менаџирање. Засега, ребалансот е скроен да е на линија на претпазливост, рече министерката.
Расходната страна е повисока за 7,9 отсто од почетокот на годината заклучно мај, при што кај реализацијата на капитални расходи за првите 5 месеци бележи мал раст од 1,6 отсто во однос на лани.
Во однос на Ребалансот, вкупните приходи се реализирани во износ од 37,3 отсто, додека вкупните расходи 38 отсто од планираното. Дефицитот заклучно со мај изнесува 18,9 милијарди денари или 2,8 отсто од БДП.
-Важен аспект е дека во време на неизвесност и глобална пандемија која предизвика економски рецесии и во најголемите економии, кога има нарушување во синџирите на набавка, намалена економска активност и зголемена улога на државата во помагање на граѓаните и стопанството, ликвидноста на буџетот е стабилна и финансирањето е обезбедено под поволни услови – рече Ангеловска.
Што се однесува до расходната страна во месец мај вкупните расходи се реализирани повисоки за 1,9 милијарда денари или 11 отсто повеќе споредено со мај минатата година. Ова зголемување се должи пред се на поголемата исплата на субвенции и трансфери, односно исплата на мерката за справување со Ковид-19 која се однесува на субвенционирање на плати во приватен сектор. Истата беше реализирана во месец мај во износ од 1,8 милијарди денари (или околу 30 милиони евра).