Зајкова од ЛДП бара целосен ветинг на функционерите од 1991 до денес


Моника Зајкова

 

Целосен ветинг и детална проверка на избраните и именуваните функционери, но и на овластените инспектори, цариници, полицајци и сите критични професии, подложни на влијание и корупција, бара претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова.

„Трагедијата во Кочани и неизмерната тага која нѐ обви сите нас е врвот на проблемот, кој е многу подлабок е посуштински. Навистина е тажно што мораше да се случи ваков трагичен настан, за конечно да разбереме дека тука нешто мора да се промени и тоа мора да се промени брзо“, вели Зајкова.

Според Зајкова, Македонија погрешно го конципирала системот уште во 1990-те.

 „Погрешно е креиран системот. Направен е да ги штити големците и крупниот капитал наспроти интересот на граѓаните. Сведоци сме изминатите 30 години дека моќниците купуваат речиси сѐ и корупцијата е навлезена во секоја пора на нашето општество, за што сите ние сме колективно одговорни и сите мора да се согласиме дека е крајно време да се преземе нешто. Втора шанса нема да имаме“, заклучува Зајкова.

Во нашата држава инспектори за една ќеса риби не пишуваат казни на ресторани, министри полнат гепеци на службени возила со килограми јаболка, на големо се плаќаат ручеци, вечери, викенди, летни и зимски одмори на оние кои се надлежни, додека цената ја плаќаат сите обични граѓани и тоа најчесто, на најлошиот можен начин.

„Затоа потребен ни е сеопфатен и детален ветинг на работата на сите кои вршат некаква функција, но и на овластените инспектори, цариниците, полицијата и сите останати специфични професии, кои имаат надлежности во рамки на системот на владеење. Колку што се виновни функционерите, подеднакво виновни се и оние кои со својата секојдневна работа овозможиле да стигнеме до тука и ова мора еднаш засекогаш да престане“, вели Зајкова.