Зајкова: Некој не сака легализација на канабисот бидејќи на црниот пазар повеќе се заработува


Лидерката на ЛДП Моника Зајкова го отвори прашањето за легализацвија на канабисот во македонија за да нема ситуации како ова што се случува сега.

„Јас искрено веќе немам доверба зашто не се прави легализацијата. Што сме направиле ние? Добро се сеќавам дека сме ги правеле измените и заглавија во Комисијата за здравство, што тогаш беше предводена од ДУИ. И тогаш веднаш почна да се спинува дека сите ќе станат подложни на опијати, на наркотици“, изјави  Зајкова во гостување на А1он.

„Да бидам искрена, мислам дека не се сака да се реши ова прашање затоа што на сите тие им одговара сѐ ова да поминува на црниот пазар, бидејќи на крај профитот веројатно завршува во нивните џебови. Може да биде различно ако се легализира“, вели Зајкова и како примери ги посочува Холандија, Белгија, Шпанија, каде што постои одредена регулација, граѓаните имаат одредено право и за рекреативна употреба и можност за одгледување до одреден број на стебла.

„Меѓутоа сето тоа е контролирано од државата и на крај бенефит има исклучиво државата. Всушност и кога се започна со работните групи беше повеќе да се направи во  туристички места, како што е Амстердам и слично, за да се покрене угостителството и слично. Меѓутоа очигледно некој не сака да  се заврши тоа во државата, туку му одговара вака да го дистрибуира на црниот пазар. И сега ние правиме од сето тоа нели приказни, колку се успешни акциите и секој ден билтените ни се полнат“, вели претседателката Зајкова.

Зајкова не се согласува со Павле Трајанов и посочува дека не треба да оди дискусијата во насока што да се затвори, туку  дека еднаш ќе мора да се легализира, да се стави во одредени рамки и да се знае што може, што не може и што е казниво.

На прашање зошто конкретно законско решение не излегло од ЛДП, Зајкова одговара дека во минатиот состав ЛДП доставила предлог измени до Собранието.

„Јас не видов Собранието да се произнесе до Владата кои закони ќе останат. Не го видов ни овој закон, но е добро што ме потсети, да може да го доставиме пак, бидејќи сега се сменети констелациите во комисиите, па можеби ќе се отвори една посуштинска дебата, што е бенефитот и за државата и за сите нас, а не да го гледаме низ призма пак на спин, дека не знам, ти моето дете сакаш да биде наркоман или слично“, заклучува Зајкова. Според неа, сосема е нормално пуштањето во промет над одредена количина да биде повторно кривично дело и  казниво, но казната мора да биде праведна и соодветна на извршеното дело.