Захариева: Во моментов, Бугарија не е во можност да ја одобри рамката за преговори за С. Македонија


Вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева за „БТВ“ изјави дека нема начин во оваа фаза да се каже „да“ за почетокот на преговорите меѓу С. Македонија и ЕУ.

„Нашата поддршка за С Македонија никогаш не беше безусловна. Бугарија не го оспорува јазикот и модерниот идентитет на тамошното население. Ја ставивме нашата позиција многу јасна. Сега тоа е многу видливо во јавноста. Уште минатата година, Владата достави декларација до парламентот, која беше поддржана од сите партии. Значи, нашиот став за Македонија не е нов, како што тврдат некои. Мислам дека имаме обединување на сите на оваа тема“, соопштила министерката.

Таа посочила дека е во интерес на Бугарија сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ.

„Не е само историјата тоа што загрижува, туку и говорот на омраза. Непризнавањето на историската вистина доведува до доста сериозни проблеми во односите меѓу двете земји“, објасни Захариева и дополнува:

„Во моментов, Бугарија не е во можност да ја одобри рамката за преговори за С. Македонија. Постои Договор за пријателство и добрососедство, кој беше потпишан во 2017 година и ратификуван во 2018 година, но тој не се спроведува“, рече Захариева.

Таа повторила дека и покрај шпекулациите во Македонија, Бугарија нема претензии за тоа како да се определуваат граѓаните на оваа република, но и Македонците не треба да имаат претензии за бугарската историја.

„Не сакаме да им кажеме на бугарските граѓани како да се дефинираат себеси. Не е тоа проблемот. Кабинетот е обединет по прашањето за Македонија, јас сум во постојан контакт со премиерот Бојко Борисов. Какви било шпекулации дека некој ќе промени нешто во последен момент не одговараат на вистината“, категорична е Захариева.

Според неа, треба да гледаме со добра волја да го спроведеме договорот потпишан меѓу двете страни, а не да бараме начини за негово заобиколување.

„Ние не сакаме бугарско малцинство во Р. Македонија, затоа што ова значи признавање на работата на оние кои работеа 75 години за уништување на бугарската самосвест на тамошното население, за нејзино бришење. Таму мора да се создадат услови за луѓето кои се изјаснуваат за бугарската самосвест да не бидат дискриминирани и слободно да можат да се изјаснат за тоа што се“, нагласила Екатерина Захариева.

Премиерот Зоран Заев и канцеларката Ангела Меркел вчера телефонски разговарале и двајцата го истакнале интересот дека за време на германското претседателство со ЕУ, треба да се одржи првата меѓувладина конференција во декември како почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ.

„Премиерот Заев истакна дека тоа е шанса која не треба да биде пропуштена и дека интензивниот ангажман на вклучените страни создава можности за остварување на заедничката цел – одржување на меѓувладината конференција за почеток на преговорите“, информираат од Владата.

Германија направи многу за европската иднина на Западен Балкан, потенцирал Заев, додавајќи дека и Берлинскиот процес, со којшто годинава претседаваат заедно Бугарија и С Македонија, е од големо значење.