Захариева сега ќе се бори за носителите на бугарски пасоши во Македонија


Би било неразумно да очекуваме дека  ќе се промени бугарската позиција во наредните месеци, велат од Министерство за надворешни работи на Бугарија за софискиот дневен весник „Труд“, на прашањето какви активности ќе преземе Софија во следните 6 месеци за да се најде решение за Северна Македонија. Во одговорот додаваат и дека ниту една бугарска влада не може да предаде 88.540 граѓани на Северна Македонија што имаат бугарски пасоши.

„Бугарија ќе продолжи со своите напори да им ги објасни на нашите партнери бугарските проблеми во врска со Република Северна Македонија. Очекуваме реален пристап на солидарност и разбирање од следното претседателство. Би било неразумно да очекуваме дека бугарската позиција ќе се промени. Оваа позиција е предмет на натпартиски консензус и 84 отсто јавна поддршка. Да не заборавиме колку бугарски граѓани се наследници на бегалци од Вардарска Македонија. Според Министерството за правда, 88.450 граѓани на Република Северна Македонија, исто така, имаат бугарско државјанство. Ниту една бугарска влада не може да ги предаде овие луѓе“, посочиле од бугарското МНР.

Од МНР на Бугарија велат дека со одложување на усвојувањето на рамката за преговори, Бугарија го бранеше својот национален интерес и дека евентуално потпишувањето на анекс на договорот не може само по себе да ги реши отворените прашања.

„Веќе постои Договор за добрососедство од 2017 година ратификуван од обете страни и доставен до ОН, што Република Северна Македонија не го спроведува. Ништо не ни дава причина да веруваме дека друг потпишан документ ќе ја промени оваа практика на неисполнување на меѓународните обврски. Токму поради оваа причина, Бугарија инсистира на вклучување на специфични, следливи и обврзувачки услови за ова во рамката за преговори за Република Северна Македонија“, се вели во одговорот.

„Во претстојниот период, Бугарија ќе продолжи со своите напори да им ги објасни на нашите партнери бугарските загрижености во врска со Република Северна Македонија. Очекуваме реалистичен пристап на солидарност и разбирање од следното претседателство“, велат од министерството.

Од бугарското МНР нагласуваат дека не се против пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, но не без гаранции за исполнување на Договорот за добрососедство.

„Интересот на Бугарија не е да го одложи процесот на пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ. Во интерес на Бугарија е конечно да се решат отворените прашања во односите со Република Северна Македонија и успешно да се продолжи со процесот на интеграција на сите земји од Западен Балкан. Ние не добиваме никакво задоволство од позицијата што Скопје нѐ принуди да ја заземеме, откако со децении Бугарија ја обезбеди сета можна поддршка за нашите браќа од другата страна на границата“, посочиле од бугарското МНР.