Захариева побарала од Османи да се потпише договор сличен на Преспанскиот?

Треба да го прашате министерот за надворешни работи Бујар Османи дали е точно дека барањето од неговата колешка од Бугарија, Екатерина Захариева, било да се потпише нов договор помеѓу Македонија и Бугарија, кој практично ќе биде многу сличен на Преспанскиот договор. Ова го истакна лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во денешното гостување во „Само интервју“ на Канал 5.

– Да го прашаме Бујар Османи дали Захариева барала да се потпише нов договор сличен на Преспанскиот договор со уставни измени каде што ќе се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945 година па наваму, додека, пак, пред 1945 година ние сме биле нешто друго. Еве да го прашаме Бујар дали ова е точно и дали токму тие барања се услов за понатамошно продолжување на преговорите со ЕУ – рече Мицкоски.

Според него, не смее да се остави политичари кои спасувајќи ги своите политички кариери ја уништуваат нацијата „асимилирајќи ја нацијата, уништувајќи ја современата македонска држава“.

Мицкоски истакна дека претседателот на Владата, Зоран Заев во 2016 година им ветил на бугарски политичари дека „се ќе признае, само Бугарите да му дадат поддршка и да биде премиер“.

– Сум разговарал лично на оние состаноци во Европската народна партија со бугарски политичари кои што се дел од таа европска партија и тие мене ми имаат цитирано дека ова што денес го бараат е практично ветување од Зоран Заев уште од 2016-та година, пред тие избори. Уште тогаш е ветувањето – вие поддржете ме да направам влада и не се секирајте се ќе решиме. Еве ви го кажувам и тие луѓе сега си го бараат ветеното, истакна Мицкоски.

Говорејќи за спорот со Бугарија, Мицкоски додаде дека историчарите се едниот фронт каде што се води битката.

– Но, ние зборуваме за политичките егзибиции и политичкиот инженеринг кој што го прави Зоран Заев цело време. Не може така да се однесувате. Тоа не е зрело однесување. Најпрвин ги загрозивте сите шанси Македонија да ја има европската перспектива, а потоа велите вака ќе биде или така ќе биде, не може. Така не се однесува зрел политичар, нагласи Мицкоски, посочувајќи дека треба да се стави крај на „вакво незрело политичко однесување, бидејќи тоа не води кон подобра иднина на земјата“.

Мицкоски  се осврна и на други теми, најавувајќи дека ќе има надзорна расправа за струјата,  за „Еуростандард банка“ и според него за сите злоупотреби на европските фондови,„ оние со тендерирањето за магарињата и за онаа берберница што земала баснословни суми на пари“.

Во однос на тоа дали имаат доставено докази во Обвинителството за она што ги тврдат, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека се доставени сите докази до Обвинителството и оти нема резултат.

– Резултатот е никаков, нула и никогаш нема да биде. Па не треба докази да го видите вие еден директор на државен фонд како трпа пари во ташна. Не треба да имате докази, цел народ видел. Нека отворат истрага, нека проверат дали земал заем. Ако е заем, во ред, ќе речеме алал да му е на човекот земал заем го вратил чесно итн. Нека отворат истрага. Денеска во медиумите прва вест е тоа дека Обвинителството кое што поднело преставка против сопственикот на одреден ресторан ќе добиел казна не знам каква, а Мицкоски не бил казнет. А за ова не сме слушнале да речеме дека отвориле истрага, до каде е истрагата, со што се располага во таа истрага, образложи Мицкоски.

Во врска со поскапувањето на електричната енергија Мицкоски истакна дека ако се спореди цената по киловат час која што ја плаќаат македонските граѓани визави просечната плата во државата сме во топ три држави во Европа.

– Поскапувањето е многу повеќе бидејќи не се само тие 7,4 проценти, на тоа додадете и ДДВ така што ќе дојде богами 10-ина проценти. Ако ја споредите цената по киловат час која што ја плаќаат македонските граѓани визави просечната плата во државата сме во топ три држави во Европа. Трошоците на производство имаат фиксна цена на чинење, а тоа е вработените коишто добиваат плата во рамките на тие компании коишто произведуваат електрична енергија, така што тој што работи во рудник да речеме во РЕК Битола и тој што работи во рудник Германија немаат иста план, посочи Мицкоски.

За тековните простети што ги спроведува ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на партијата потенцираше дека крајната цел на протестите е што побрзо да падне оваа власт која, како што рече, ја води државата во амбис и не нуди ништо.Според него еден од легитимните начини да се протестира е улицата, вториот начин е Парламентот.

– Таму во Парламентот колку што може да видите, ВМРО-ДПМНЕ, а и другите опозициски партии едвај се борат за збор, посочи Мицкоски.