Захариева пак се заканува


Бугарија се закани дека ќе го блокира патот кон членството во Европската унија ако Северна Македонија не признае дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени, рече вчера за Ројтерс бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, заканувајќи се дека ако двете земји не го решат проблемот, Бугарија ќе стави вето.

Таа рече дека Бугарија не го оспорува правото на Република Северна Македонија на самоопределување, ниту нивното право да го нарекуваат својот јазик како што сакаат.

– Ние сме подготвени да ја потврдиме сегашната реалност, но тие треба да ја признаат историската вистина. Софија го губи трпението поради одбивањето на Северна Македонија да го имплементира Договорот за пријателство кој двете земји го потпишаа во 2017 година – вели Захариева.

Клучниот проблем за Бугарија е како да ги запре барањата за признавање на македонско малцинство во земјата. Според Захариева, тој проблем ќе се реши доколку Скопје признае дека македонскиот јазик и идентитет имаат бугарски корени.

– Нашите грижи потекнуваат од бескрајните тврдења за македонско малцинство во Бугарија. Признавањето на бугарските корени ќе му стави крај на тоа. Доколку Скопје се согласи, Бугарија е подготвена да ги признае македонскиот „како еден од официјалните јазици во Северна Македонија“ и да го прифати македонскиот идентитет – истакна бугарската министерка за надворешни работи.