Загубите на води се нешто што не смееме да го прифатиме како факт


Загубите на вода во Скопје се над 60 отсто, пречистителната станица никако да се изгради, а ништо подобра не е ситуацијата и во другите општини.

За подобрување на ваквата состојба, денеска повеќе институции се запознаваа со имплементација на Програмата за управување, користење и заштита на подземните води во Македонија, поддржана од Шввајцарија.

Во следните десетина години, 530.000 швајцарски франци се ќе се потрошат на подобрување на управувањето, користењето и заштитата на подземните води во Македонија.

„Со години наназад знаеме дека загубите на вода се големи. За жал, голем дел од општините имаат стари системи за водоснабдување. Во таа насока е и вториот заем од Европската инвестициона банка во висина од 50 милиони евра, којшто треба да им помогне на општините во промена на системите или градба на нвои системи за водоснабдување и нивно усовршување и во зависност од потребите на општините и системите за собирање на отпадни води. Покрај овој заем МЖСПП, Министерстовот за транспорт и министерството за локална самоуправаконтинуирано со години имаат програми коишто ги поддржуваат овие системи, ги финансираат. Меѓутоа станува збор за многу општини, треба време. Загубите на води се нешто што не смееме да го прифатиме како факт, туку треба да работиме да ги намалиме загубите“, рече министерката за животна средина Каја Шукова, пред почетокот на настанот.

Каја Шукова – министер за животна средина и просторно планирање

Вели дека се свесни за тоа какво богатство претставуваат подземните води, од кои речиси 100 отсто скопјани пијат, а дури 70 отсто од населението во целата држава.

„Токму поради тоа што сме свесни, ние побаравме во рамките на соработката со Швајцарската влада, конечно преглед на состојбите со подземните води, за да можеме да утврдиме правилен начин на управување со истите. Тие се огромно богатство, а градот Скопје водата за пиење ја обезбедува од подземните води. Утврдивме дека имаме определени надостатоци коишто ни требаат во рамките на обезбедувањена податоци и управување со водите и тоа ќе го постигнеме со оваа Програма“, додава Шукова.

За пречистителната станица во Скопје, која со години се гради, вели дека тој проект се движи конечно во добар правец.

„Одредени документи коишто требаше да бидат потпишани од „Водовод“ и од Градот Скопје се потпишани. Мислам дека скоро можеме да очекуваме започнување на овој проект. Најверојатно во наредните неколку месеци. Еве сега во наредните денови ќе се потпише и еден од договорите со коишто обезбедуваме грант пари за овој проект. Ние се обративме до фондовите на ЕУ за грант пари за овој проект којшто ќе го олесни заемот којшто го имаме кон двете банки“, појаснува Шукова.

Презентација на програмата

Таа објасни и дека Програмата за управување, користење и заштита на подземните води е конципирана врз принципите на современи концепти и пристапи за управување со подземните води, кои се фокусираат на ефикасно спроведување и одржливо користење на ресурсите.

„Од Програмата очекуваме поддршка во воспоставувањето на долгорочно, повеќестепено и системско управување со подземните води, што ќе овозможи заедничко, ефективно и транспарентно управување со подземните водни ресурси – рече министерката Шукова.

За нејзина успешна реализација потребни се координирани акции во повеќе правци, вклучувајќи целосно усвојување и имплементирање на законодавната рамка за води и релевантните директиви на ЕУ, како и континуирано инвестирање во едукација на експерти за подземни води.

Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман истакна дека во текот на последните дваесет години Швајцарија инвестира во нашата држава за подобрување на пристапот кон вода за пиење, финансирање на капацитетите за прочистување на вода и заштита на животната средина.

Амбасадорката на Швајцарија – Вероник Улман

„Со оваа нова програма ќе ја поддржиме Северна Македонија во подобрување на управувањето, користењето и заштитата на  подземни води на одржлив и транспарентен начин“, рече Улман.

Целта на Програмата е да ја поддржи Северна Македонија во воспоставување на долгорочно, повеќестепено и системско управување со подземните води, и да ги подобри капацитетите на државните служби, на давателите на услуги како и на граѓанското општество да ги спроведат одредбите за интегрирана рамка во управување со водите согласно со барањата на правото на ЕУ за животната средина.  

Вкупно предвидените средства за реализација на Програмата се во висина од 530 илјади швајцарски франци. Програмата е конципирана како десетгодишна програма, а имплеменатацијата на првата фаза треба да заврши до декември 2027 година.