Загреб: Пленковиќ ја почести со кафе фон дер Лајен и плати во евра


 

На полноќ, по помалку од десет години членство во Европската унија, Хрватска стана членка на Шенген зоната, со што се приклучи на клубот со 26 други земји и 420 милиони луѓе во најголемата светска област на слободно движење меѓу земјите.
Во исто време, Хрватска стана 20-та членка на еврозоната, монетарната унија на Европската унија, со што еврото стана примарна валута и единственото законско средство за плаќање.

„Денес Хрватска влегува во Шенген зоната и во еврозоната. Најмладата членка на ЕУ ги постигна овие две цели во ист ден. Ова е ден за паметење, ден за историјата. Ова е прослава не само за Хрватите, туку и за сите жители на ЕУ“, рече шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен кога се сретна со Пленковиќ на граница.

Премиерот Андреј Пленковиќ ја почести со кафе фон дер Лајен, плаќајќи првпат во евра на главниот плоштад во Загреб, на денот кога Хрватска стана членка на еврозоната.

Откако симболично го одбележаа влезот на Хрватска во Шенген зоната и укинувањето на граничните контроли на граничниот премин Брегана, во друштво на словенечката претседателка Урша Пирц Мусар, Пленковиќ и Фон дер Лајен пристигнаа на плоштадот Бан Јосип Јелачиќ за да го одбележат влезот на Хрватска во еврозоната.

Тие пиеле кафе на загребскиот плоштад во друштво на министерот за финансии Марко Приморц и гувернерот на Хрватската народна банка Борис Вујчиќ, а премиерот платил со банкноти од евра.

Воедно, Вујчиќ на претседателката на ЕК ѝ подари хрватски примероци на монети од евра со симболот куна.