Заглавени во интерпелации
СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА
Од многуте интерпелации ВМРО-ДПМНЕ не успева да види дека надворешната политика и преговорите со Бугарија сега ги води Бујар Османи, а не Никола Димитров
Дванаесетчасовната шуплива расправа во парламентот за третата интерпелација за вицепремиерот Никола Димитров покажа зошто Македонија стои три децении на исто место, додека се движи останатиот свет. Иако и во други парламенти има вакви бесцелни пресметки на опозицијата со власта за да се билда рејтинг, никаде тоа не трае три децении, никаде не трае околу иста тема и никаде тоа не ја држи како заложник државата.
Апсурдно беше, по две неуспешни интерпелации за Димитров, повторно да се врти истата „плоча“, повторно да се вергла колку ни е загрозен јазикот и идентитетот, повторно да се исправаат криви Дрини околу историјата, повторно да не се види колку се сменило сѐ околу, вклучувајќи ја и ЕУ, и колку го губиме чекорот со современите случувања, додека упорно сме заглавени во едно исто. Расправата покажа дека ние сме ова што сме, и овде каде што сме затоа што имаме политичари без капацитет и компас, кои се закопани во едно исто политичко клише и никако да прифатат дека расправите како оваа изгубија смисла, бидејќи граѓаните сфатија дека реалниот живот нема место тука во Собранието. Додека пратениците се расправаа за идентитетот, луѓето се регистрираа во Србија и во други земји на списоци за вакцина, странски пасош или вработување.
ВМРО-ДПМНЕ, наводно, беше испровоцирана од „лажното ветување“ дека во 2020 година ќе ги почнеме преговорите за членство со ЕУ, без оглед што истото тоа како партија го даваа десет години и на крај памет не им беше да се повлечат од власта кога ни го замрзнаа, место да ни го унапредат кандидатскиот статус. ВМРО-ДПМНЕ, наводно, беше испровоцирана и од лошиот Договор за пријателство со Бугарија, што прв го потпиша и ревносно го брани (со право) токму нивниот лидер Љупчо Георгиевски, за да сфатат по две децении од тогаш дека ќе било подобро – договорот и да не постоел. Не појаснија притоа што има сега вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров со преговорите со Бугарија, кога нив ги води министерот за надворешни работи Бујар Османи од ДУИ, и зошто Антонијо Милошоски не го ни спомна воопшто во расправата актуелниот прв човек на МНР, со кој се пазари за дипломатски позиции и го штити заради идни коалиции, додека глуми дека се бори за национални интереси.
Да се бореше ВМРО-ДПМНЕ навистина за јазикот, за името и за идентитетот колку што напаѓаше жестоко вчера, досега ќе изградеше заедничка позиција со власта околу спорот со Софија како што го направија тоа во Грција и сега го прават партиите во Бугарија, место да повикува на интерпелација на министри исклучиво од македонска владејачка партија. Жално изгледаше вчера што сите ние Македонците по етничка линија плукаме упорно по сѐ што сме постигнале досега и им даваме храна на тие што нѐ блокираат, негираат и ги омаловажуваат нашите успеси, додека ДУИ членството во НАТО си го прокнижи како едно од своите врвни достигнувања – и сите му го валоризираа тоа во албанскиот блок.
Од ВМРО-ДПМНЕ беа загрижени, исто така, дека заради штетните преговори на Димитров, не можеме да ја именуваме историската комисија како „македонска“ туку како Комисија на Република Северна Македонија. Замислете, со каква драма и пропаст ќе се соочат нашите пратеници кога, заради Преспанскиот договор што нѐ внесе во НАТО, не ќе можат своите делегации во Советот на Европа, во НАТО или во ОН да ги наречат „македонски делегации“ туку делегации на РСМ! Одамна сите знаеме дека МАНУ си остана МАНУ, но еден број државни политички и други институции треба да ја избегнуваат придавката македонски во името како компромис за добивањето на македонскиот јазик и македонски народ во Преспанскиот договор.
ВМРО-ДПМНЕ никако да сфатат дека имаат право да бранат одредена политика, но исто така дека огромно мнозинство во земјата воопшто не мисли како нив и подржува друга, што сега ја спроведува владата што ја донесоа на избори. По вчерашните критики, од нив не се очекува стопати да покренуваат интерпелација за тема што е веќе апсолвирана, туку своето легитимно право да имаат спротивен став да го напишат во изборната програма со јасна порака дека, кога ќе дојдат на власт, ќе ги менуваат договорите со Грција и со Бугарија што сега жестоко ги критикуваат, за да се знае чии се лажните ветувања.
Уште понеодржливи беа аргументите дека немало дијалог со опозицијата за преговорите со Бугарија и не биле вклучени експерти, иако три децении трошевме енергија, време и капацитет токму на идентитетски прашања. Немаме ли попаметна работа, немаме ли попаметни прашања, немаме ли поургентни проблеми, немаме ли економија, екологија, епидемија, уште ли главна тема ќе ни бидат Александар Македонски и Гоце Делчев и уште ли заглавени политичари во историјата од соседството ќе ни го диктираат темпото на работа и правецот? И какви политички слепци не гледаат институционален одговор од Македонија за ултимативните барања од Бугарија, по откажувањето од Белене, по договорот за гасовод со Грција, по најавата за јакнење на односите со Србија, по пораките на претседателот Стево Пендаровски дека треба да ги оставиме во Бугарија да се оладат, дека за идентитет не преговараме… Што очекуваат – со тапани на плоштад да кажеме дека ѝ објавуваме војна на Бугарија?
Фарсата немаше да биде толку голема, да не е ова само едно од серијалот прашања важни за државата за кои не се бараат решенија, туку компликации. Може ли некој од ВМРО-ДПМНЕ да му објасни на Германец, Американец или Холанѓанин како може да се донесе „избрзан“ закон за попис откако поминаа децении без да се одржи попис во државата? Ако ова е брзо, што е бавно по критериумите на ВМРО-ДПМНЕ и, ако веќе знаат толку добро како треба да се организира пописот, зошто не објаснат зошто не го спроведоа самите додека беа на власт. Само Македонија ли има ентички малцинства, што да прават земјите кои имаат огромна миграција, што да прават тие што се соочија исто така со голем одлив на населенија и ние ли го измисливме пописот, па сега го третираме како статистичка катастрофа што треба да биде запрена? И, која е поентата за штотуку изгласан закон да се собираат потписи и да се спори повторно во Собранието во кое немаат мнозинство да ги наметнат своите политички гледања? На крајот на краиштата, каква е таа силна политика да нема попис во Македонија или пак да се одржува електронски, кога со децении траат кавгите за избирачките списоци во кои никој не верува? И каква е таа силна политика што ќе влијае Македонците да не учествуваат во пописот и да помогнат да се набилдаат бројките за албанското етничко малцинство, поради кое, всушност, го спорат пописот?
Најбесмислено е што сите овие интерпелации и опструкции се во функција на уривање на рејтингот на власта пред локалните избори кои пак имаат повеќе врска со водоводи и канализации, сечење дрвја и урбанистички планови, но на тие теми ВМРО-ДПМНЕ немаат што да ветат додека не се оградат од минатите политики.