Загинатиот планинар бил член на „Шкупи“: „Во еден момент застана, се наведна и падна во несвест“


Педесет и седумгодишен македонски државјанин загина на планината Олимп во Грција. Станува збор за скопјанецот Мефаил Гури, кој бил дел од деветчлената експедиција на планинарското друштво „Шкупи“ што се обидела да ја искачи познатата планина.

Од Министерството за надворешни работи во Скопје го потврдуваат настанот. Според нивните првични информации што ги добиле од сведочење на очевидци, на стотина метри пред планинарскиот дом „Спилиос Агапитос“, скопјанецот изгубил рамнотежа по што паднал во бездна.

Клубот „Шкупи“ се прости од својот член преку социјалните мрежи. Од таму велат дека Гури во саботата околу 20 часот, во близина на планинарскиот дом, застанал, се наведнал над стаповите и паднал во несвест, тркалајќи се кон амбисот. По само неколку минути, другите планинари притрчале и се обиделе со дефибрилатор да го вратат во живот.

За утре во Солун е предвидена обдукција на телото која треба да даде одговори кои се причините за падот.

Семејството е известено од страна на друг планинар кој бил дел од тимот.

Од МНР велат дека се во постојан контакт со Конзулатот и за сите детали јавноста ќе биде информирана.

Се претпоставува дека на скопјанецот му се слошило или добил срцев удар по што паднал во бездната.

Телото од амбисот го извлекле планинарите кои биле заедно со него.

Во пренесувањето на телото од местото на несреќата во планинарскиот дом „Спилиос Агапитос“, кој се наоѓа на надморска височина од 2.100 метри, интервенирале 14 спасители, припадници и на специјалната спасувачка единица и на противпожарната служба од Литохоро.