Загина тинејџер на улиците во Монпелје во хаосот по полуфиналето Мароко-Франција

Автомобилот кој учествувал во инцидентот бил пронајден во близина на местото на несреќата


 

Момче загина кога автомобил влета во група марокански фудбалски навивачи во Монпелје, Франција, по вториот полуфинален фудбалски натпревар на Светското првенство меѓу Франција и Мароко во Катар, соопшти владата на департманот Еро.

„Четиринаесетгодишно момче кое беше удрено со автомобил во Монпелје по полуфиналето на Светското првенство беше донесено во болница во тешка состојба, но подоцна почина“, се вели во соопштението на локалната власт.

Како што е соопштено, автомобилот кој учествувал во инцидентот бил пронајден во близина на местото на несреќата, а полицијата во моментов врши увид.

Откако француската фудбалска репрезентација го совлада Мароко со резултат 2:0, избувнаа безредија во неколку француски градови. 

Во Франција живеат голем број Мароканци, кои организирано го следеа натпреварот од Светското првенство меѓу Мароко и Франција, во повеќе градови. Навивачите на двете репрезентации се судрија во главниот град на Франција.

Во Брисел приведени стотина навивачи

Во Брисел пак, околу стотина навивачи се приведени синоќа, поради безредијата по поразот на Мароко од Франција со 2:0 информираше новинската агенција Белга, повикувајќи се на полицијата.

Навивачите се приведени поради нарушување на јавниот ред и мир, оштетување на две полициски возила и поседување забранети огномети, објави агенцијата изутринава.

Делови од патиштата во центарот на градот беа блокирани во пресрет на натпреварот, се вели во извештајот. На фотографиите кои ги објави Белга има купишта запалено ѓубре, голем број полицајци облечени во опрема за разбивање насилни протести и жители кои синоќа почнале да ги чистат улиците.

Мароко стана првата селекција од Африка која стигна до најдобрите четири на Светското првенство, откако ги исфрли Шпанија во осминафиналето и Португалија во четвртфиналето. Ја победи и Белгија во групната фаза.

Неколку лица беа уапсени и во текот на безредијата во Антверпен, северно од главниот град, објави Белга.