Загина бебе во несреќа со мигранти во близина на грчкиот остров Лезбос


Грчката крајбрежна служба во југозападниот дел на островот Лезбос, на копно, пронашла 34 мигранти и едно починато бебе, а според локалните медиуми, бебето загинало откако чамецот со кој се превезувале удрил во карпа, јави дописничката на МИА од Атина.

Од крајбрежната служба соопштија дека биле информирани дека во конкретниот копнен дел на островот има околу 30 мигранти и починато бебе, по што веднаш се упатиле кон локацијата, биле пронајдени 34 лица, а бебето било пренесено во болница за да се изврши обдукција.

Според информативниот портал „Сто ниси“ од Лезбос, несреќата се случила вчера, пластичниот чамец со кој се превезувале мигрантите удрил во карпа и било извлечено безживотното тело на двомесечното бебе.