Загина 24-годишен пожарникар додека гаснеше запалени автомобили во Париз


Пожарникар, на возраст од 24 години, загина во неделата вечерта во Сен Дени, северно од Париз, додека гаснеше запалени автомобили во шестата ноќ од улични немири во Франција, изјави во понеделникот францускиот министер за внатрешни работи.

Министерот Жералд Дарманин на Твитер објави дека инцидентот се случил во подземна гаража. Пожар избувна во подземната гаража на станбена зграда во Сен Дени, северно од француската престолнина, околу три часот по полноќ и брзо се прошири на катовите, принудувајќи ги жителите да се евакуираат, соопшти полицијата.

Отворена е истрага за утврдување на околностите на пожарот. Сè уште не е воспоставена формална врска помеѓу инцидентот и урбаните немири што потресоа многу градови во Франција од вторникот, кога 17-годишниот Нахел Мерзук, од северноафриканско потекло, беше убиен од полицаец во париското предградие Нантер.