Загатката во седиштето на ЦИА останува нерешена 30 години


САД – Во седиштето на американската Централна разузнавачка агенција – ЦИА има скулптура на која е впишана тајна шифра. Со неа врвни криптолози се занимаваат веќе со десетлетија.

Кон крајот на 1980-тите, уметникот Џејмс Санборн добил задача да направи скулптура што ќе биде изложена во седиштето на ЦИА во Ленгли, Вирџинија. Знаејќи дека разузнавачките службеници ќе го гледаат делото секој ден, Санборн создал уметничко дело што, на некој начин, е енигматично.

Скулптурата е откриена на 3 ноември 1990 година, се нарекува Криптос и содржи криптографски предизвик. Санборн сметал дека некој ќе го пробие кодот за само неколку недели… Но, до денес никој не го направил тоа.

– Не мислев дека ќе трае толку долго – 30 години – без да се дешифрира, изјави Санборн за Си-Ен-Ен осврнувајќи се на својата брановидна бакарна плоча висока 3,5 метри и долга шест метри, пополнета со речиси 2.000 букви.

Текстот на скулптурата содржи четири различни, кодирани пораки, што заедно ја сочинуваат загатката. Сакав тоа да се открие слоевито, како „тргање на лушпи од кромид“, рече Санборн.

Три од четирите кодирани пораки досега се дешифрирани од ЦИА, НСА, како и од јавноста. Но, загатката се уште си стои.