Загадувањето од Вардариште е само визуелно, тврди Мицкоски
Премиерот тврди дека не биле алармантни параметрите на штетни честички кои би го загрозиле здравјето на граѓаните. За Дрисла подготвува јавно-приватно партнерство

Депонијата Вардариште со денови ги труе скопјани. Тоа редовно се случува повеќе од триесет години, но деновиве, откако на 31 август се запали, секојдневно група аеродромци протестираат и ја блокираат крстосницата кај мостот „Киро Глигоров“ и бараат надлежните да го решат проблемот со Вардариште пред локалните избори закажани за 19 октомври.
Денеска, прашањето за Вардариште стигна и до премиерот Христијан Мицкоски, кој беше на три локации во Гази Баба, (увид во изградба на спортско рекреативен центар „Идризово“;
увид во изградба на градинка Трубарево и увид во реконструкција на улица „Париска комуна“ во Хиподром, проект финансиран од вториот повик на Владата, за унгарските пари).
Новинарите го прашаа какво решение предлага за Вардариште, со оглед на фактот што оваа депонија се наоѓа на територијата на Гази Баба.
„Депонијата Вардариште не ја создаде оваа Влада во изминатите 15 месеци. Тоа е создавано 35 години, а може и повеќе, ама ние ќе го решиме. Ќе ја средиме и депонијата Дрисла, ќе ја спакуваме и ќе личи на модерна европска депонија со фабрика, која ќе произведува енергија и ќе го произведува, складира и рециклира отпадот“, вети премиерот Мицкоски.

Тој нагласи дека тоа ќе биде јавно-приватно партнерство, со јавен тендер и јасни критериуми.
Вакво решение за Дрисла имаше пред години. Имено, фирмата што оперираше со депонијата, „Дрисла“ ДОО од 2013 беше јавно-приватно партнерство меѓу Градот Скопје и анонимната италијанска компанија „ФЦЛ Амбиенте“. Италијанците беа 80 проценти сопственици на фирмата, а градот само 20. Постоеја бројни индиции дека во Дрисла се согорува радиоактивен отпад увезуван од странство, иако депонијата нема постројка за согорување таков вид опасен отпад. Во 2020 година, тогашниот градоначалник Петре Шилегов го раскина договорот со италијанската фирма и ја врати депонијата во владение на Градот, а од функцијата беше сменет директорот Горан Ангелов.
Сепак, сегашниот премиер Мицкоски, како решение за Дрисла, повторно го нуди овој тип на јавно-приватно партнерство, од кој еднаш се изгоревме.
„И еве уште од сега ви кажувам, повторно ќе има некои невладини, коишто ќе бидат против. Но, мора да се издржи. Во животот не можат идеални работи – мора да се борите. Борете се за она во што верувате. Јас верувам дека е ова исправно и ќе се борам“, се бранеше предвреме Мицкоски, знаејќи, ако од ништо друго, тогаш од бројни новинарски написи дека екологистите во Македонија, се против отворање фабрика за преработка на отпад која би произведувала енергија.
Оваа влада, подвлече премиерот, за првпат ги уапси оние кои нелегално топат кабли на Вардариште за да извадат бакар за да го продаваат (уапсени се тројца). Очекува надминување на проблемот со палењето на депониите по денешниот координативен состанок.
„Не постои ад хок решение. Метанот кој што зрачи се пали со еден отпушок. Не треба многу да си креативен или диверзант, само со еден отпушок се пали и тоа ни го прават секој ден“, рече Мицкоски осврнувајќи се на проблемот со кој деновиве се соочуваат скопјани.
Најзапрепастувачки е тоа што премиерот тврди дека не биле алармантни параметрите на штетни честичките кои би го загрозиле здравјето на граѓаните.
„Нема зголемени такви параметри кои што се алармантни. Тоа е визуелно така, но кога се испитувани параметрите не се така алармантни. Но, лошо е тоа да се прави. И ќе се прави и има причина зошто се прави. Затоа го поставив прашањето на кој му одговара да се случува сега? Кога ќе дадете одговор на ова прашање ќе ви стане јасно кој и зошто тоа го прави“, инсинуираше Мицкоски (кој знае дали некому е јасно кој и зошто тоа го прави?).
Тој забележа дека при секој обид за решавање на проблемот со депониите и изградба на регионални центри за складирање и преработка на отпадот се појавувале невладини организации и политичари кои реагирале зошто баш кај нив да се гради таков капацитет.
„Сите велиме не сакаме отпад, но отпад создаваме. Тој отпад треба некаде да се одлага. Таму каде што треба да се одлага прво имаме невладини кои коментираат зошто баш кај нас да се одлага. Имаме политичари кои што мислат дека на дневна основа ќе добијат некој политички поен, па ќе напаѓаат зошто баш кај нас да се одлага. Имаме трета група луѓе кои сѐ што ќе направи Владата велат не чини, а тоа е во суштина работа која е наследена од минатото“, оценуваше Мицкоски.
Како пример го посочи проектот за изградба на фабрика за отпад во близина на Свети Николе, одлука донесена пред повеќе од една деценија.
„Парите се обезбедени и ги обезбедува Европската комисија со квалитет и услови како во Европа. Или попрецизно како што е депонијата во центарот на Виена, таква ќе биде и оваа. Повторно имаше некој кој имаше против. Иста таква депонија е предвидена во Југозападниот регион во Новаци, во стариот коп на РЕК ‘Битола’, повторно имавме структура на луѓе кои велеа ‘не, ова не чини’. Имаме една таква во Гостивар за Полошкот регион. Кога би се формирале овие легални депонии со фабрики за отпад, кои може да користат и за производство на електрична енергија, ние нема да имаме отпад“, нагласи премиерот.
И градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, очекува надминување на проблемот со палењето на депониите Вардариште и Дрисла по координацијата на повеќе институции и прогласувањето кризна состојба во државата од пожарите.
Во однос на загадувањето во општина Гази Баба од комуналниот отпад, тој посочи дека тоа е во надлежност на Град Скопје и јавното претпријатие „Комунална хигиена“, но оти Општината и општинското јавно комунално претпријатие со сопствени ресурси ги собираaт депониите околу контејнерите.
Тој посочи дека во неколку наврати писмено реагирале до Градот Скопје, „Комунална хигиена“ и до Управниот одбор на „Комунална хигиена“, но не добиле официјален одговор освен паушални изјави дека немаат механизација и расипана механизација.
„Граѓаните добро знаат на кого плаќаат одреден надомест да ја сервисираат таа нивна услуга, но за жал неколку месеци Скопје ни се дави во смет. Скопје се претвори во една голема депонија“, рече Стефковски.