Загадувањето намалено до 50 отсто од запрениот сообраќај поради корона вирусот


Дезинфекција на улиците на Рим (Фото: ЕПА)

Европската агенција за животна средина вели дека жителите на многу европски градови за прв пат дишеле чист воздух, иако причината е страшна – епидемијата на корона вирусот

 

Нивото на загаденост се намали за повеќе од 50 проценти во делови од Европа, според новите бројки објавени од Европската агенција за животна средина (ЕЕА), бидејќи затворањето поради корона вирусот ги остави градските улици празни, без сообраќај.

Податоците на ЕЕА забележуваат големо намалување на загадувањето на азотниот диоксид (NO2), кое најмногу го испуштаат автомобилите, комбињата и камионите. Сообраќајот е значително намален низ цела Европа, како резултат на карантинските мерки насочени кон спречувањето на Ковид-19.

Квалитетот на воздухот, особено во италијанските градови, е почист заради строгиот режим на заклучување што го спроведува владата. Во Милано, епицентарот на епидемијата од Ковид-19, нивото на NO2 се намали за речиси 25 отсто во текот на изминатиот месец.

Во ломбардискиот град Бергамо загаденоста се намали за 35 отсто, а во главниот град на Италија, Рим, концентрациите се до 35 проценти пониски во однос на истиот период од четири недели во 2019 година.

Сателитските слики обезбедени минатата недела од системот за набљудување на земјата на ЕУ „Коперник“, покажаа значителен пад на NO2, но тие откритија се ограничени со фактори како што се покривање од облаци и зачестеноста на орбитата на сателитот.

Бројките на ЕЕА се засновани на часовни податоци регистрирани од повеќе од 3.000 станици за надгледување на квалитетот на воздухот, расфрлани низ цела Европа. На Иберискиот Полуостров има намалување на NO2 од околу 50 отсто во Барселона, Лисабон и Мадрид.

Но, извршниот директор на агенцијата, Ханс Брујнинкс, беше претпазлив да го пофали ефектот на короната како победа за активистите за квалитет на воздухот.

„Тековната криза и нејзините повеќекратни влијанија врз нашето општество работат против она што се обидуваме да го постигнеме, а тоа е праведна и добро управувана транзиција кон еластично и одржливо општество“, се вели во изјавата на Брунинкс.

Маргерита Толото, експерт за чист воздух во Европското биро за животна средина (ЕЕБ), за „Еурактив“ изјави дека појавата на корона вирусот е „дефинитивно повик за будење, но националните влади треба да дејствуваат сега за подобрување на квалитетот на воздухот“.

„Загадувањето на воздухот е најголем ризик состојбата на животната средина во Европа, го компромитира нашето здравје и нè прави поранливи. Некои луѓе ќе доживеат почист воздух за прв пат, не треба да чекаме опасна пандемија за намалување на штетното загадување на воздухот“, додаде таа.

Северна Италија и североисточна Кина – две од областите досега најтешко погодени од заразата – редовно доживуваат некои од најлошите квалитети на воздухот во нивните региони заради тешката концентрација на загадувачките индустрии и сообраќајот.

Нивоата на загадување би можеле повторно да се зголемат откако ќе бидат укинати мерките за заклучување, бидејќи веројатно е дека индустриските играчи ќе се обидат да го фатат ритамот од пред избувнувањето на епидемијата. Маргерита Толото вели дека владите и ЕУ мора да бидат подготвени да се спротивстават на тоа.

„Важно е да планираме иднина надвор од оваа криза. Не можеме да си дозволиме да се вратиме на работа како вообичаено загадување. Програмите за закрепнување на економијата треба да одговараат на амбициите на Зелениот договор и да помогнат во градењето почиста, позелена, поотпорна иднина“, предупреди таа.

Според Зелениот договор на Комисијата, ЕУ ќе започне план со нулта загадување, кој има за цел подобрување на квалитетот на воздухот, почвата и водата, со цел создавање „животна средина без токсини“. Тековните преговори за долгорочниот буџет на блокот – Повеќегодишната финансиска рамка – исто така, ќе имаат директна и индиректна улога во спречувањето на загадувањето, без разлика дали тоа се дополнителни пари за чистење на индустриските капацитети или зголемен буџет за вселенската програма на Европа.

Тековниот капацитет за следење на квалитетот на воздухот на Европската вселенска агенција (ЕСА) е обезбеден од сателитот „Сентинел 5-Прекузор“, кој беше лансиран кон крајот на 2017 година.

„’Сентинел-5П’ е најточен инструмент денес што го мери загадувањето на воздухот од вселената. Овие мерења, глобално достапни благодарение на бесплатната и отворена политика за податоци, обезбедуваат клучни информации за граѓаните и донесувачите на одлуки“, рече директорот за набудување на ЕСА, Јозеф Ашбахер.    (Еурактив)