Загадувањето го чини здравството во регионот од една до три милијарди евра


Заедничкиот истражувачки центар на Европската унија наведува дека загадувањето на воздухот на Западен Балкан го скратува животниот век на неговите граѓани во просек  помеѓу 0,4 и 1,3 години. Според податоците на Светската здравствена организација, лошиот квалитет на воздухот во регионот предвремено одзема до 13.500 животи секоја година. Во исто време, годишните трошоци за здравствена заштита предизвикани од електраните со јаглен на Западен Балкан се проценуваат на 1,2 до 3,4 милијарди евра.

Последиците од загадувањето на воздухот најмногу влијаат на граѓаните со понизок социоекономски статус бидејќи тие живеат во области со голем интензитет на сообраќај и близу до извори на загадување, како што се електрани и индустриски капацитети. Исто така, претежно сиромашните луѓе работат „валкани“ работни места со професионална изложеност на гасови, честички, гасови и тешки метали. Во комбинација со климатските промени што предизвикуваат дополнително загадување, ваквите услови за живот резултираат со пократок животен век, што особено ги погодува постарите лица и децата на возраст под пет години.

Овие податоци се дел од заедничкиот регионален проект „Балканот обединет за чист воздух“ на Европскиот фонд за Балкаот.Споредподатоците,земјите од Западен Балкан имаат најнизок квалитет на воздух во Европа, поради што Европскиот фонд за Балканот ја започнува оваа регионална кампања и ги повикува надлежните државни институции и граѓаните во регионот да спречат до 13.500 предвремени смртни случаи секоја година. 

Граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија и Северна Македонија се подеднакво изложени на загадувачи од воздухот кои произлегуваат од постројки за греење на фосилни горива и фабрики, како и застарената технологија за греење во домаќинствата.

Кампањата „Балкан обединет за чист воздух“  е отворена за сите граѓански организации, неформални групи, граѓански движења и поединци кои сакаат да се приклучат на солидарнтаа борба за чист воздух во регионот.