Загадениот воздух ќе го скрати животот на децата за 20 месеци



Според најновите истражувања на непрофитната организација „Институт за ефектите на здравјето“, поради загадениот воздух што се шири низ целата планета, на секое дете, особено тоа што ќе се роди денеска, животниот век во просек ќе му биде скратен за 20 месеци, објави „Гардијан“.
Загадувањето на воздухот е причина за смрт кај барем еден од десет смртни случаи во 2017 година, што во моментот, го прави поопасен за човекот и од маларијата или сообраќајните несреќи. Исто така, загадениот воздух по штетност стана споредлив и со пушењето цигари, се наведува во студијата „Состојба на глобалниот воздух 2019“.
Но, ситуацијата не е иста во сите земји, односно не е исто нивото на загадување. На децата во јужна Азија животот најверојатно ќе им биде скратен за 30 месеци, а во супсахарска Африка за 24 месеци. Толку високо ниво на загаденост на споменатите подрачја настана како комбинација на загаден воздух на отворено, кое е предизвикано од сообраќајот и индустријата, загаден воздух во затворен простор, но главно поради несоодветен начин на готвење, без одвод и циркулација на воздух.
Во источна Азија загадувањето на воздухот ќе го скрати просечниот живот на децата за 23 месеци, а во развиените земји за помалку од пет месеци.
Додека малите деца кои се родени на подрачја со високи нивоа на загаденост на воздухот ги чека сериозна закана, како недоволно развиени бели дробови, што ќе трае во текот на целиот живот, повозрасните лица исто така се во опасност.