Загадениот воздух, еден од факторите за предвремено раѓање на бебињата


Фото: Б.Грданоски

Загадениот воздух, покрај возраста на мајката, инфекции, повеќеплодова бременост и други предуслови, претставува еден од факторите кои можат да влијаат на предвремено породување. Лани во државата имало вкупно 604 предвремено родени бебиња, а оваа година бројот е 681. Денеска во Клиниката за гинекологија и акушерство беше одбележан Светскиот ден на предвремено родените бебиња, 17 Ноември.

Директорката на клиниката, проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев истакна дека заради превенирање на предвремено породување од крајот на годинава ќе започнат пилот студија за бесплатна скрининг програма за детектирање на пациентки кои што би развиле прееклампсија. Исто така пуштен е во употреба и интраклинички транспортен респираторен апарат за респираторна вентилација.

„Загадениот воздух претставува еден од ризик факторите, кои што во текот на бременоста можат да влијаат на предвремено породување. Еден од ризик факторите е и возраста кај жената. Денес современата жена прво ја реализира кариерата, а потоа се посветува на завршување на репродуцијата, а ризични се бремености после 35 годишна возраст. Причини се и инфекции, како и повеќеплодова бременост“, посочи Алексиоска Папестиев.

Таа нагласи дека годинава ќе се фокусираат најмногу на прееклампсијата, заболување кое се карактеризира со покачен крвен притисок и со протеинурија кај мајката, а многупати е придружено со компликации како за мајката, така и за плодовите. Во последните две децении случаите со прееклампсијата пораснале до 25 проценти, што е резултат на зголемување на старосната граница кога жената одлучува да роди. Во нашата држава од 16.000 раѓања, 800 до 1.280 имаат ризик за појава на преекламспија. Со пилот проектот сите трудници ќе можат да направат испитување и навремено да се детектира дали има ризик за појава на преекламспија, со што ќе може да се превенира со соодветна терапија.

На клиниката беше пуштен во употреба интраклинички транспортен респираторен апарат за респираторна вентилација, со кој сите предвремено родени бебиња додека да пристигнат до интензивно одделение ќе бидат навремено во текот на првиот час од раѓањето респираторно третирани.