Зафир Хаџиманов погребан во Алејата на заслужните граѓани во Белград


Србија- Македонскиот пејач, композитор, глумец и поет Зафир Хаџиманов кој почина на 78 години од компликации на коронавирусот на 27 март, беше погребан денес на Новите гробишта во Белград, а неговата урна беше положена во Алејата на заслужните граѓани.

Тој беше испратен на вечното почивалиште во кругот на најблиските членови на семејството и пријателите, бидејќи условите поради пандемијата на коронавирус не дозволуваат поинаку, и како што најави неговиот син Васил, по пандемијата тој ќе биде испратен како што треба.

„Како Вардар“, „Љуби ме и главата горе“, „Од љубов не се бега“, се најпознатите шансони и евергрини кои ги испеал легендарниот Зафир. Тој, легендарниот Хаџиманов, играл и главни улоги во неколку филма, како во филмовите „Нож“ и „Македонска крвава свадба“. Тој е последниот човек кој пред маршалот Тито отпеал сплет македонски песни.

-Секоја моја песна, креирана и испеана, или напишана и отпечатена, секоја моја ролја, секоја проза, секоја изјава, коментар, сето тоа што јас го чувам и внимателно и умно одвреме-навреме го подарувам е една иста порака – културата и уметноста се силно оружје во борбата за слобода на сè – и љубов, и мисла, и живот, што не може да се купи ниту на црн, ниту на легален пазар. Ниту кај Трамп, ниту кај Путин, ниту кај Си Џинпинг, ниту на Бит-пазар. Прво, описменете се, второ, читајте селективно и квалитетно и, трето, кажете што мислите и бранете го тоа аргументирано докрај, вели во интервју од 2019 Хаџиманов по повод  најновото ЦД-издание „Како Вардар ќе дотечам. Најдоброто од Зафир Хаџиманов“.

Ланската година, некаде во ова време Jugoton Croatia Records на дигитален формат, на компакт-диск, го објави култниот албум на Зафир Хаџиманов – „Зафир пее – Македонија пее“, оригинално објавен во 1986 година за Југотон.

Хаџиманов во Скопје, на Боемска улица/ Фото: Б. Грданоски

Албумот кој Зафир го сметаше за круна во неговата успешна музичко-актерска кариерапретставува колекција од 11 песни кои ги напишаа големите македонски поетиКочо Рацин, Петре М. Андреевски, Ацо Шопов, Блаже Конески, Константин Миладинов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски…, кои самиот ги компонираше. Самиот им соши вечна музичка облека. За аранжманите му помогна Славе Димитров, под диригентското водство на Благој Чешларов, кој раководеше со студискиот оркестар на РТС. За снимката се погрижи извонредната Милка Герасимова, која претходно беше и снимател на култната „Успаванка за Радмилу М“ на „Бијело дугме“, и некои албуми на „Леб и сол“, меѓу другото…

Ланскиот компакт-диск имаше и две бонус песни, по кои засекогаш ќе го паметиме Зафир – вечната „Од љубов не се бега“ и неговата интерпретација на антологиската „Зајди, зајди“.

-Лани не успеавме да го промовираме ова издание, кое светлината на денот го здогледа благодарение на големиот ангажман на Наталија Цајиќ, од белградската канцеларија на Jugoton Croatia Records. Со Зафир се согласивме дека не е време… Чекавме да помине короната, наивно верувајќи дека злото не може да потрае повеќе од два-три месеци, ни изјави претходно Иван Бечковиќ од „Кроација Рекордс Македонија“.