Заев:Прво здравје, после избори


Лидерот на СДСМ Зоран Заев  на прес конференција порача дека сега не е време за политики и политички противници и дека не смее да се дозволи сликите од Македонија да бидат како сликите од Вухан и Северна Италија. Прво здравје, потоа избори, порача Заев практично барајќи и тој, во име на СДСМ, на седницата на Советот за безбедност да бидат одложени изборите. Претходно со таков повик излезе и ВМРО-ДПМНЕ.

Заев притоа соопшти дека преставниците на СДСМ на средбата кај претседателот ќе го пренесат овој став и ако тој не свика лидерска средба, ќе свика Владата за да се донесе заеднички одлуката за одложување, но и за новиот датум за изборите.

-Ние како најголема владејачка партија го препорачуваме тоа, но кога носите вакви одлуки мора да одмерите што ако дај боже порано заврши кризната состојба, па какви би биле последиците од пролонгирањето на изборите врз економијата. Мора да ги измерите, да ги извагате сите работи, рече Заев.

Лидерот на СДСМ смета дека е добро што и опозицијата се согласува изборите да се одложат.

-Тоа е добро, еве не приближува до ставовите и верувам дека заеднички ќе изградиме став прво за одлука за  одложување на изборите, а  после тоа и заедно да го дефинираме денот на одржување на изборите, рече тој.

Заев истакна дека постојат повеќе аргументи за тоа кога би требало да бидат одржани изборите, но оти најважаен и одлучувачки е јавното здравје во државата. Министерот за здравство, рече, редовно информира, ги споделува своите информации, се следат трендовите од Кина, до Западна Европа, Италија… Сето тоа, вели, треба да се има предвид кога ќе определиме точен датум.