Заев жали за негативните реакции на интервјуто


„Дозволете најпрво да изразам жалење што моето интервју за бугарскиот медиум предизвика толку силни негативни емоции, за кои сум целосно свесен и кои ги знам и разбирам до детаљ. Но, во исто време имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Униј“, порача денес премиерот Зоран Заев по лавината реакции за неговото интервју за БГНЕС.

„И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување.
Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат. Заради иднината. Заради заедничката иднина во Европската Унија која е пример како во име на иднината, најдлабоките разлики и историски конфликти беа оставени во минатото.
Тоа е мојата најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапувам додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по увидот на работите на патот за Бугарија близу граничниот премин Деве Баир со што на одреден начин се коригира во ставот потоа околу антифашистичката борба.

„Нашата државност почива на делата на антифашизмот. Нашата слобода е резултат на антифашизмот. Македонскиот народ ја оствари својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија и го оствари својот вековен идеал за своја држава со АСНОМ-ска Македонија. АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет. Но, давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо. Дали било тоа во бугарски или било кој друг контекст.
Темните страници од балканската и европската историја не треба да бидат пречка за развивањето на добрососедските односи на Балканот и Европа. Иако постои затоплување на односите меѓу Југославија и Бугарија по учеството на бугарските армии во борбата против фашистите, по 1948 година факт е дека постоеше ‘железна завеса’ помеѓу Југославија и Бугарија и сериозни историско-политички конфликти околу ‘македонското прашање’“, вели Заев.

Според него, сега треба да работиме на отстранување на последиците од „железната завеса“ кои сѐ уште се чувствуваат меѓу Северна Македонија и Бугарија.

„Историјата треба да не учи дека можеме и поинаку, дека можеме и подобро, дека треба да соработуваме, но и меѓусебно да ги почитуваме разликите помеѓу нас.
Само почитување на разликите и заедничка борба против говорот на омраза и нетолеранција во македонското и бугарското општество можеме да градиме добрососедски односи и заедничка иднина.Ако не ги признаеме слабостите на историјата, не можеме да градиме заедничка иднина. Нам ни треба историја која гради мост на пријателство меѓу народите, преку глава ни е од истории кои создаваат раздор и поттикнуваат нетрпеливост. Дајте да живееме денеска. Време е да создаваме историја која создава иднина за младите и за идните генерации“, порача денес Заев.

„Царска Бугарија во 1941 година застанува на страната на Тројниот пакт на фашизмот. Во тие моменти никој не ги праша Бугарите на референдум каква е нивната определба за да можеме цела Бугарија да ја оквалификуваме како фашистичка. И во нашата Македонија имаше соработници на фашистите, домашни предавници. Европа ги реши прашањата на европски начин, време е и Балканот да ги реши прашањата на европски начин. Да простиме, но да не заборавиме. Окупацијата од страна на фашизмот била присутна насекаде низ Европа и низ светот и тоа не е причина да велиме цел еден народ дека е окупатор, затоа велам администрација, затоа што тогашното раководство на царска Бугарија се приклучила на тројниот пакт. Но, денеска да зборувате за фашистичка Бугарија или фашистичка Германија, тоа не е поглед кон иднината. Прашањето е дали ги користиме вистинските зборови за да градиме иднина“, кажа Заев.

Запрашан кој го извршил масакрот кај Ваташа, Заев рече дека тоа го сторил фашистичкиот окупатор, но со додавка дека имало фашистички изблици дури и на наши сограѓани со предавства на македонски револуционери, македонски партизани и на македонски херои.

-Фашизмот нема етничка боја, фашизмот е определба во тоа време, кој жалам што останал уште малку некаде во европскиот континет и во светот, но дефинитвно е зло кое сите сакаме да не се повтори, рече Заев.

Во однос на отстранувањето на плочи на спомениците за кои говореше во интервјуто, Заев појасни дека тие се отстранети согласно Договорот за пријателство и обврските за негување на пријателството меѓу двете држави.

– Во дел од плочите каде пишуваше бугарска фашистичка рака, бугарски фашистички куршум е оставено фашистички куршум, фашистика рака и слично. Затоа велиме да не заборавиме, но низ простувањето да внимаваме. Тоа е направено на целата територија на државата и во најголем дел надлежни се општините, истакна Заев.