Заев и Филипче до здравствените работници: Вие сте хероите во 2021

Премиерот и министерот за здравство им ги предадоа плакетите што ќе им бидат врачени на над 8.000 здравствени работници за нивната борба против пандемијата на корона вирусот


 

Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче, на директорите и менаџерските тимови на клиниките од јавното здравство кои најнепосредно беа вклучени во борбата со пандемијата од Ковид-19, денеска им ги предадоа плакетите што ќе им бидат врачени на над 8.000 здравствени работници во земјата за нивното пресудно и исклучително важно учество справувањето со последиците од вирусот и епидемијата.
 
На настанот на кој започна со едноминутно молчење во спомен на починатите од Ковид-19, премиерот Заев истакна дека беа преземени соодветни и ефикасни мерки за да се запре фаталната природа и непредвидливоста на вирусот, да се намалат ризиците и да се пружи соодветна терапија и медицинска нега на заболените.
 
„Заедно со министерот Филипче и со останатите во тимовите непосредно задолжени за справување со пандемијата, како и со сите вработени во здравството кои несебично се ставија целосно на располагање со сите свои капацитети на првата линија, создававме соодветни мерки за да обезбедиме сигурност за секој граѓанин поединечно, како и за општеството во целост. Благодарение на навремените мерки и одлуки, македонскиот здравствен систем во текот на целата ковид криза функционира без застој. Најважна и пресудна улога за тоа остварување имавте вие – здравствените работници“, нагласи Заев.
  
Посебно внимание, потенцираше Заев, беше посветено на вложувањето во човечкиот капитал во здравството и во најкритичните години, за време на пандемијата во буџетите за здравство, образование и социјална заштита беа инвестирани повеќе од 300 милијарди денари.
 
„Признанијата што денеска ќе ви бидат предадени за да им ги поделите на вработените, Владата ги доделува во име на народот и во име на благодарноста за тоа што вие и вашите колеги останавте до крај посветени и дадовте сè од себе за да го спасите, зачувате и подобрите здравјето на нашите пациенти. Огромен товар падна на вашиот грб и ја заслужувате најголемата почит и благодарност за хуманоста, грижата и пожртвуваноста. Во оваа борба со Ковид-19 вие сте хероите“, истакна Заев.
 
Министерот за здравство, Венко Филипче, во своето обраќање нагласи дека иако медицинскиот кадар целосно се посвети на борбата со пандемијата во континуитет се вршеа сите итни прегледи и интервенции, а лекови и терапија беа обезбедувани во континуитет за сите пациенти.
 
Тој додаде дека сите здравствени работници покажаа високо ниво на професионалност, сплотеност и колегијалност и во ниту еден момент не потклекнаа под притисокот.
 
„Часови поминати во скафандери, секојдневно соочување и со болеста, и со смртта. Здравствените работници не се прашуваа дали сакаат да работат во ковид, дали се самохрани родители на малолетно дете, дали имаат ризик во семејството, дали ги загрозуваат своите најблиски со тоа што секојдневно се во допир со болеста. Вие, не знаевте за одмор, за оддишка, за викенд, слободен ден со семејството, пријателите, вие почитувани колеги знаевте само за едно, и бевте насочени само кон едно – лекување на пациентите“, истакна Филипче.
 
Филипче уште додаде дека последните недели во континуитет се бележи пад на бројот на новодијагностицирани случаи и процентот на позитивни од тестирани, се намалува и бројот на хоспитализирани, а со тоа е спласнат и притисокот врз болниците и дека се надева дека овој тренд ќе продолжи.