Заев загрижен дека самата ЕУ го зголемува евроскептицизмот кај нас


Одлуките кои не се одлуки, туку се нови блокади, како последната на министерскиот состанок на ЕУ, ја оддалечува Европската унија од Македонија и регионот, а не го приближува, изјави вечерва премиерот Зоран Заев во емисијата „Топ тема“ на Телма. Тој е загрижен дека со ваквите одлуки се зголемува евроскептицизмот во државата и се овозможува на трети сили да го зголемат влијанието во регионот.
 
„Мене ме плаши порастот на евроскептицизмот, како и одлуките на ЕУ кои тоа го овозможуваат. Стануваат беспредметни извештаите што ги добиваме секоја година. Чуму ни се извештаите за напредок, ако после 16 години не добиваме никаков напредок. Не ги омаловажувам извештаите, многу ни се значајни, но вака ја губат смислата“, изјави Заев.
 
Тој зборуваше за предлогот што го однесол во Софија за време на минатонеделната посета, но кажа само малку повеќе детали од она што денеска го соопшти на прес-конференцијата со албанскиот премиер Еди Рама. Македонскиот патоказ бил дел од португалскиот предлог за решавање на спорот и македонската страна тоа го направила. Во него на 18 страници биле опфатени сите области, образованието, спортот, здравството, културата со конкретни рокови. Но и дека не може да се постават рокови за расправата во историската комисија затоа што тоа би било невозможно, политиката да ѝ даде диктат на науката. Тој го повтори она што се знае околку употребата на називот Република Северна Македонија и Северна македонија и запраша: „Како не им пречеше Република Македонија, а сега им пречи Северна македонија?“
 
На забелешките околу Коридорот 8 Заев нагласи дека овој коридор не е само патот од Скопје кон Деве Баир, туку и патиштата кон Штип, Берово, Радовиш, Струмица и запраша зошто од бугарска страна е толку малку направено во краиштата отаде краницата, посебно споменувајќи го граничниот премин „Клепало“.
 
Заев рече дека бугарските функционери (пред сѐ претседателот и премиерот) му рекле дека сега не можат да донесат никаква одлука за кревање на блокадата затоа што имало службена влада и немало парламент пред изборите на 11 јули.
 
Заев рече дека ќе остане резервиран во однос на надежите за напредокот до самитот на ЕУ и Западен Балкан на 6 октомври.
 
„На 6 октомври има самит за време на словенечкото претседателство, треба да имаме надеж дека ќе се реши проблемот, но до тоа би дошло само доколку другата страна не бара изговори“, рече Заев.
 
Според него проблемот со Бугарија е никаков и несфатливо е дека У не може да најде решение за ситуацијата.
 
„Дефинитивно да не може Европа да изнајде решение за ваква работа којашто во моментов е меѓу нас и Бугарија е лоша порака. Проблемот е никаков“, истакна премиерот.