Заев за укинувањето на ПЦР тестот: Регионот треба да биде отворен

Комисијата за заразни болести на денешниот утрински состанок предложи укинување на ПЦР тестот со граѓаните на Косово, Србија, Албанија и Црна Гора. Истиот предлог го достави до Владата.

„Станува збор за регионална иницијатива, бидејќи горе-доле бројките се исти. Го чекаме уште одговорот од Србија и Бугарија. Утре Владата ќе одлучува за укинување за ПЦР тестот, регионот треба да биде отворен.Без ПЦР-тест ќе се поминува границата ама ако е најнеопходно, бидејќи и од дома излегуваме само ако е неопходно“, изјави премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференцијата со министерката Мила Царовска по повод 5 октомври – Светскиот ден на наставниците.

Комисијата за заразни болести донесе предлог одлука за отворање на границите со Србија, Црна Гора, Косово и Албанија без PCR тестирање. Тоа би значело дека граѓаните од Црна Гора, Косово, Србија и Албанија ќе може да влегуваат во Северна Македонија без никакви ограничувања, односно без ПЦР тест кој досега беше задолжителен.

„Според анализите, во моментов нема индикација, односно висок број на импортирани случаи во земјава со Ковид-19 од овие земји. Согласно тоа, нема ризик и безбедно е отворањето на границите“, рече министерот за здравство Венко Филипче.